Четириесетина настани на 51. „Охридско лето“ - отворањето во вторник со „Трилогија Романа“

Скопје, 6 јули 2011 (МИА) - Со грандиозниот мултимедијален проект „Трилогија Романа“, во продукција на познатата шпанска компанија „Ла Фура делс Баус“ и во изведба на Македонската филхармонија, во вторник во Античкиот театар свечено ќе биде отворен 51.   фестивал „Охридско лето“ на кој до затворањето на 20 август ќе има четириесетина содржини.

„Трилогија Романа“ во Охрид е дел од светската премиера на ова дело на италијанскиот композитор Оторино Респиги, кое минатиот месец  беше изведено и во Рим и во Валенсија. На сцената на Антички ќе бидат поставени два екрана со 3Д видеоматеријал, а меѓу нив ќе биде оркестарот со 96 музичари на Филхармонијата што ќе го води диригентот Андреас Вајзер.

Продукција „Ла Фура делс Баус“ од Барселона постои 32 години. Единствена е по некои атракции што ги има прикажано на сцена. Својата оригиналност ја претставува во престижните светски куќи.

Селекторката на музичката програма Гордана Јосифова-Неделковска денеска на прес-конференција соопшти дека на фестивалот ќе гостуваат звучни музички имиња, како Најџел Кенеди, меѓу најпродаваните виолинисти во светот, руската пијанистичка елита Алексеј Володин, Александар Гидин и Борис Березовски, а меѓу атрактивните ги спомна и настапот на Осум тенори од Русија и концертите на Влатко Стефановски и Стефан Миленковиќ и на Дуке Бојаџиев на 1, односно на 2 август во Античкиот театар. До крајот на фестивалот ќе има уште многу настапи на солисти од други земји и учество на македонски уметници.

- Годинашната програма се разликува од минатогодишната која беше ретроспективна. Повторно интенцијата на „Охридско лето“ е да се видат нови светски музички имиња кои досега не биле присутни на фестивалот. Импресивно е истражувањето по големиот број музички уметници кои биле на фестивалот во изминатите 50 години, но од друга страна, пак, фактот дека денеска во светот има плејада извонредни музичари кои секојдневно ги полнат салите на големите концертни центри е доволен предизвик да си поставам цел на фестивалот да доаѓаат уметници кои досега не биле, рече Јосифова-Неделковска.

Селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски рече дека годинашниот фестивал ќе изобилува со класика. - Повторно силни автори кои во  историјата на драматургијата оставиле печат, како Шекспир, Бормаше, Хајнер Милер, Еврипид..., рече Јолевски. Меѓу режисерите ексклузивци ги спомна Александар Морфов со „Мили ангели“ на театарот „Вера Комесаржевска“ од Санкт Петербург и Јозеф Наѓ со „Без наслов“ на Креативниот центар Каниџа од Србија.

Првпат ќе гостуваат Истарското народно казалиште од Пула  со „Електра“ во режија на Дамир Златар Фреј и Истражувачкиот театар Ателјекончон од Бергамо, Италија, со проектот „Сувенир 2“ кој ќе биде изведен во четири варијации на улиците низ Охрид на 5-ти и  на 6 август.

На 51. „Охридско лето“ ќе има и три премиери - „Свадбата на Фигаро“ на Македонскиот народен театар во режија на Левин Цуладзе, „Кабаре мистериозо“ на новоформираниот Охридски театар, во режија на Дејан Дамјановски, и „Медеја“ во режија на Нада Кокотовиќ која Битолскиот театар ќе ја изведе за затворањето на 20 август.

Покрај музички и сценски настани, фестивалот ќе понуди и  голем број изложби. Локациите се стандардни - Античкиот театар, црквата Света Софија и нејзиното предворје, Долни Сарај, Центарот за култура „Григор Прличев“. хс/паг/13:10 МИА