Монашки живот на Фејсбук

Верниците поставуваат разни прашања, од типот: „Дали може да истетовирам лик на омилен светец?“, „Дали смеам да ја читам Хари Потер?“, или „Зошто за време на архиерејска служба сите трчаат натаму-наваму, поправајќи го тепихот пред епископот?“

Данас – Белград

5 јули 2011

Помагај Господе! Прашањето кое сакам да го поставам не е суштински поврзано за практичниот христијански живот, но сепак, има некое влијание – со оглед на модерната комуникација која денес ја користиме. Ме интересира дали е нормално еден калуѓер на Фејсбук (ако веќе го користи) да има 1.500 или 2.500 „пријатели“.

Дали смислата на монашкиот живот е одрекување од светот заради Исус, или не е? Дали се откажал од светот тој кој комуницира со 2.500 луѓе? И колку време може да му остане дневно за калуѓерските обврски, откако ќе ги заврши своите „обврски“ на виртуелната социјална мрежа – едно е од прашањата кои можат да се најдат на еден од интернет форумите, кои денес подеднакво ги користат и верниците, но и тие кои ја проповедаат верата.

На конкретната дилема, свештеникот одговорил: „Ако е тоа според Божја волја и на корист на спасение на него и неговите читатели, тоа ќе трае и ќе вроди со плод“.

Поглед на калуѓер или калуѓерка во мантија, кои користат мобилни телефони, кон крајот на минатиот век предизвика недоверба кај граѓаните. „Па зарем тие смеат да користат мобилни? Зарем тоа не е спротивно на тоа на што се заколнале стапувајќи во калуѓери?“.

Денес тие прашања никој не ги поставува бидејќи е вообичаена појава, свештениците и калуѓерите да користат средства од модерната технологија. Комуникацијата по пат на интернет, отварањето на страници и Фејсбук профили меѓу припадниците на свештенства на сите верски заедници, не е само нормална, туку според мислењето на соговорникот за Данас, тоа е и позитивна појава ако се користи на правилен начин.

- Се ни е дозволено, но се не ни користи, вели за „Данас“ јеромонахот Ј., кој се наоѓа на докторски студии во странство, а со своите духовни деца контактира најчесто преку Скајп. - Се што Господ го дал на човекот може да се користи и за добро и за зло, така да нема пречки да се користи Скајп и слично, но не смее на тоа да се заврши и тоа да го замени личниот однос, бидејќи нашата црква е „дојди и види“. Ниту една виртуелна алатка не може да ја замени заедницата, но може да помогне во многу ситуации, истакнува нашиот соговорник, додавајќи дека се треба да се користи со правилно расудување.

Интернетот е место каде под плаштот на анонимност можат да се постават прашања кои не можат лесно да се упатат на свештеници „очи во очи“.

Така на страниците во делот „прашање до свештеникот“ можат да се најдат и следните прашања: „Зошто светот не е праведен кон мене?“, „Како да станам подобар?“, до конкретни „Како да најдам маж/жена?“, „Дали да простам прељуба?“... до некои необични прашања како што се: „Дали можам да истетовирам лик на омилен светец?“, „Дали смеам да ја читам Хари Потер?“ или „Зошто за време на архиерејска служба сите трчаат натаму-наваму поправајќи го тепихот пред епископот?“.

Еден од верниците е загрижен за својот дедо, па прашува: „Имам дедо неверник кој е кај нас на гости – ништо не работи и досадно му е. Како да се однесуваме кон него?“. На сите овие „онлајн“ прашања свештениците стрпливо одговараат. За разлика од тие кои прашањата ги поставуваат главно анонимно, свештениците на интернет не го кријат својот идентитет.

Иако повеќето естрадни уметници сметаат дека секоја реклама е добра, една пејачка на народни песни не мисли така, па и таа анонимно преку страницата, се обрати до свештеникот.

„Веќе десет години работам како пејачка. Пејам народни песни и главно пејам на свадби, родендени, крштевки и други веселби кои луѓето ги слават кај нас. Мојата професија од дамнешни времиња се смета за неморална, а жените кои се занимаваат со оваа дејност се нарекуваат со разни погрдни имиња. Од кафеанска пејачка па натаму... Јас живеам од тоа, плаќам стан, често размислувам и да престанам да пеам, но сметам дека талентот е дар од Господ и дека не треба да го оставам пеењето Не знам што друго би можела да работам, а од друга страна, ја сакам својата работа. Но, најтешко е да се работи со луѓе. А јас главно работам со пијани луѓе, а алкохолот во луѓето предизвикува многу лошо однесување“.

Свештеникот на тоа и одговорил: „Секоја чесна работа е достојна за човекот. Да се забавуваат луѓето, барем малку да им се пружат мали радости, за момент да бидат среќни, да се сочуствува со нивната радост или тага е големо дело. Па дури и кога тоа се прави за пари. Ти на сцената треба да одиграш улога на забавувач и усреќувач. Како ќе се однесуваш на сцената многу зависи и од односот на публиката кон тебе. Вистина, тешко е да се биде трезен меѓу пијани, но ти си професионалец“. вз/ МИА