Скопје, 10 март 2011 (МИА) - Во рамки на церемонијата за свечено отворање на Меморијалниот центар на Евреите од Македонија во Чифте амам поставена е изложбата „Јас, ти и оние“ на Сара Ајник.

Ајник во своите дела го искористила сопственото лице, преку кое ги покажува жртвите од холокаустот.

- Секое дело е автопортрет и затоа сакав да го искористам мојот портрет. Зошто да искористам што било, ќе го искористам моето лице, го преработев на компјутер. Го искористив своето лице, а потоа размислив како би зборувала за некој што ми ја одзема душата, што ме соголи од кожата, рече авторот на изложбата вчера на прес-конференција.

Ајник, која е втора генерација преживеани од холокаустот, посочи дека таквата трагедија што се случува во едно семејство остава трага во душата на човекот.

- Јас лично го имам во мојата душа. И кога дојдов како уметник да го покажам тој дел од мене ми требаше да размислам како ќе го претворам во уметност, бидејќи не сакав да употребам документарен материјал. Затоа што за мене мртвите се свети и не можам да ја манипулирам нивната слика, појасни Ајник.

Секој Евреин, особено оние од Израел, како што посочи, се гледа себе си како преживеан од холокаустот.

Претседателот на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, Лилјана Мизраки истакна дека изложбата многу значи на еврејската заедница и оти ја чувствуваат како поддршка од Сара Ајник. сс/паг/9:00