Средба на министерката Канческа-Милевска со амбасадорите на македонската култура во светот

Скопје, 17 јануари 2011 (МИА) - Пет од деветте досега именувани амбасадори на македонската култура во светот денеска имаа работна средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска со цел размена на мислења за досегашните искуства и идните планови за културна промоција на Република Македонија во државите каде што тие живеат и работат.

Министерката Канческа-Милевска изјави дека на редовната средба која се одржува на почетокот на секоја година амбасадорите на културата се информирале за годишната програма и за сите проекти кои Министерството ќе ги реализира оваа година.

- На амбасадорите им пренесов моја лична благодарност за нивниот целиокупен ангажман во целиот период бидејќи во овие неколку години заедно со нив и со нивна поддршка успеавме да реализираме голем број активности кои се значајни во домашни и во светски рамки. Разговаравме за проекти кои со нивна поддршка ќе ги реализираме надвор од државата околу некои јубилеи кои ќе бидат организирани годинава и за капитални инвестиции кои се планира оваа и идната година да се промовираат, рече Канческа-Милевска.

Таа укажа на потпишувањето на програмата за културна соработка со Австрија, реализирано со поддршка на амбасадорот за култура, македонската пијанистка Елена Мисиркова и потсети на одржувањето на неколку настани во таа држава - концерт со етно музика, промоција на книги итн. Ја истакна соработката на полето на културата со Италија и потсети на одбележувањето на годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Ватикан и на реализацијата на тој клучен настан.

Канческа-Милевска рече дека по повод одбележувањето 100 години од раѓањето на Мајка Тереза беше одржуван концертот во Рим „Десет ѕвезди за Мајка Тереза“ каде Македонија беше претставена и со рекламен материјал, а се одржа и концерт на оперскиот пејач Благој Нацоски.

- Изразив голема благодарност до познатиот македонски режисер Иван Поповски за неговиот ангажман и подршката за многу проекти кои минатата година се реализираа во Руската федерација. Разговаравме и за Програмата за Деновите на македонската култура во Русија и за тоа кои проекти ќе ги реалзираме. Македонскиот поп пејач и композитор Владо Јаневски даде значаен придонес на концертот организиран во Софија по повод жртвите од Хаити. Со Зафир Хаџиманов разговаравме за проектот „Ало будење“ кој се планира да се реализира. Разговаравме и за театарската дејност, истакна Канческа-Милевска.

На средбата присуствуваа и селекторите на Охридско лето, Гордана Јосифовска и Ѓорѓи Јолевски и директорот на Струшките вечери на поезијата Данило Коцевски.

Хаџиманов  потенцира дека сите тие се почесни амбасадори на културата на Македонија во разни земји затоа што успеале таму да бидат некој и нешто, не само затоа што биле најдобри во Македонија туку затоа што се наметнале како добри во својот дел од работата во земјата во која постојат. Минатата година, покрај неколку награди кои ги добил, Хаџиманов рече дека му била доделена и национална пензија на Србија. Во врска со проектот „Ало будење“, тој посочи дека тоа е првиот и засега единствен македонски мјузикл бидејќи според него, никој досега не напишал добар мјузикл.

Амбасадорот на културата на Македонија, Поповски рече дека во тек се разговорите за Деновите на македонската култура во Русија, додека Нацоски укажа на неговиот ангажман околу организирањето на настаните по повод 15-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Ватикан и концертот за Мајка Тереза. - Концертот беше пренесуван на РАИ Уно и за Македонија слушна целиот италијански и светски аудиториум, рече Нацоски.

Амбасадорката на културата на Македонија во Австрија Мисиркова истакна дека оваа година биле исклучителна важна во реализирање на понтензивна културна соработка меѓу двете земји, а тоа е манифестирано со повеќе сегменти - со потпишување на договорот за културна соработка, организирање на изложбата „Синестезија“, нејзиниот концерт во Австриската академија на науките, гостувањето на Македонската опера и балет итн.

Владата пред две ипол години за промовирање на културата на Република Македонија предложи дополнување на Законот за култура, со што е воведена можноста за доделување на почесната титула амбасадор на културата.  Титулата ја добиваат најистакнатите македонски уметници во различни видови творештво, кои се признати и афирмирани во земјава и во светот. Првата амбасадорска титула му беше доделена на режисерот Милчо Манчевски во јуни 2007 година за неговиот придонес за промоција на македонската култура во САД.

Покрај Манчевски, Поповски, Хаџиманов, Нацоски и Јаневски и Мисиркова, амбасадори на културата на Македонија се и режисерот Иво Трајков во Чешка, педагогот по пијано Снежана Пановска  во Малезија и драмскиот писател Горан Стефановски  во Велика Британија. рп/са/15:13