Иконостасот во длабока и автентична македонска резба е дело на тригодишен труд, умешност и искуство на најпознатите денешни копаничари, кој ја краси манастирската црква „Св. Јоаким Осоговски“

По цели 10 века, еден од најпрочуените манастири, „Св. Јоаким Осоговски“, доби импозантен и уникатен резбан иконостас, дело на најпознатите и најискусни македонски копаничари, кои ја продолжуваат традицијата на Дебарско-охридската школа. Мајсторската тајфа од шест докажани резбари, познати по своите иконостаси во земјава и низ светот, токму во осоговскиот манастир создадоа „библија во дрво“, вградувајќи ги својата дарба, умешност и искуство во овој грандиозен проект. Копаничарската екипа, составена од протомајсторите Злате Крстески, Мирко Гашпарец и Никола Прчков, магистрите по резбарство Јане Крстески и Никола Михајлоски од Битола, како и кривопаланечкиот копаничар Раде Костовски, цели три години работеше на импозантната иконостасна композиција. Минатата недела новиот иконостас, со помош на мајсторите дограмаџии Ѓоре и Бато, беше монтиран, а се поставува електричната инсталација.

- Горди сме што осоговскиот манастир конечно доби резбан иконостас, затоа што го заслужува тоа, како духовно и културно светилиште, кое опстанува веќе 10 века. Тој претставува уникатна иконостасна галерија со маркантни димензии, со должина од 11 метри и висина од 4,5 метри или заедно со распетието 6,5 метри. Изработен е во првокласно оревово дрво, со над 500 составни дела, со вкупна изрезбана површина поголема од 35 квадратни метри и во сите техники на македонското копаничарство. Во него се содржани разнообразни стилско-жанровски теми и е внесена симболиката на Стариот и Новиот завет, библиски мотиви и сцени. Исполнет е со симболи, кои од антиката до денес ги сретнуваме кај сите иконостаси во Македонија. Новото дело, всушност, е своевиден национален и монументален репрезент не само за манастирот и за градот, туку и за целата држава - истакнува протомајсторот Злате Крстески, претседател на Здружението на копаничари на Македонија.

Познатиот истражувач и аналитичар на македонското и на балканското копаничарство, проф. д-р Димитар Ќорнаков, под чиј надзор се работеше иконостасот, истакнува дека ова е еден од најмонументалните и најграндиозните споменици од поново време и дека претставува животно дело на денешните најистакнати копаничари.

- Дури откако ги поставивме сите 500 делови видовме дека сме направиле чудо од дело, работено според каноните и стари методи, со патина што создава чувство дека иконостасот со векови се наоѓа во манастирот. Ова е највисок дострел на македонското копаничарство од поново време - потврдуваат копаничарите.

Осоговскиот манастир денес е средиште каде што се изучува македонската резба на познатите мијачки мајстори и се продолжува традицијата на оваа уметност, која беше пред изумирање. Секоја година, во овој манастирски комплекс традиционално се одржува Меѓународната копаничарска колонија, единствена од ваков вид, на која се изучува копаничарскиот занает и се пренесува искуството од старите на младите генерации. Колонијата е и местото каде што се роди идејата за збогатување на Осоговскиот манастир со иконостас во македонска длабока резба.

- Копаничарите сакаа да остават нешто за спомен, траен запис за создавањето на резбарската уметност на овие простори. Ветија и го завршија ова огромно дело во предвидениот рок. Новоизработената иконостасна галерија му дава нов збогатен лик и нова духовна и културна содржина на Осоговскиот манастир - вели старешината на манастирот, протојереј ставрофор Добрислав Бошковски.

За копаничарите ова дело е продолжување на христијанската мисија и на мијачката резбарска традиција.

Жаклина Цветковска- Дневник