23 септември 2010

Пешчаник

Обидете се да напишете еден поинаков, класичен меил и ќе видите дека тоа повеќе не е така лесно како што беше во 90-тите години

Генерацијата родена во 70-тите години се уште се сеќава на тоа ултра носталгично време пред појавата на Интернетот. Од денешна перспектива, тоа дамнешно време се чини подеднакво нестварно како времето во кое изумреле диносаурусите, или барем исто толку далечно како времето во кое се одвила Тунгуската експлозија. Тоа време во кое пишувавме вистински писма со графитни моливи или хемиски пенкала, па и со перо и мастило, тоа време во кое многу вежбавме калиграфија за да можеме некого да импресионираме со ракописот, тоа време во кое постоеја вистински огласи за барање на пријатели и допишување, денес се чини како патетична изложба на еден невозможен и донекаде несфатлив начин на живот. Потоа дојде Интернетот, конверзацијата се распространи нашироко, комуникациите ѓаволски забрзаа, светот се промени, како што веројатно не се променил од пронаоѓањето на огнот. Пишувавме долги меилови, во истите ја внесувавме душата и добивањето меилови од драги лица беше еден вид специјално доживување. Емоционални излети во мислите на друго лице. Се отвораа длабочини, мозочните вијуги танцуваа во елоквенција, дигиталните писма вешто и бескрупулозно го наоѓаа своето место во нечии срца или глави.

Денес примарно комуницираме на социјални мрежи. МајСпејс, Линкедин, Твитер и секако неговото величество Фејсбук. Неодамна во јавноста излезе податок дека околу половина милијарда луѓе се присутни на Фејсбук. Ако не сте таму, не сте живи. Ако ве нема таму, ништо не сте постигнале во животот. Целата таа фејсбук-манија всушност не престанува, иако очекувавме дека ќе почне да се намалува. Наместо намален интерес за Фејсбук, манијата постојано се зголемува и којзнае како ќе заврши и на кој начин. Стануваме се помалку внимателни со податоците кои ги ставаме на нашите профили, со слики кои секој ги гледа, со коментирање на туѓи видеа, натписи, со зезање по ѕидовите на нашите пријатели. Стануваме се помалку внимателни, бидејќи се чувствуваме  сигурни. Фејсбук е нашиот дом, сите кои ги познаваме се тука.

Сето тоа константно се случува иако совршено сме свесни дека во тој виртуелен рингишпил сите се претставуваат многу повеќе „кул“, а всушност не се такви. Исто така свесни сме дека многу апликации на кои упорно губиме време се навистина тоа: средства за губење време кое никој нема да ни го врати. Знаеме дека можеме да живееме без квизови, колачи на судбината, астролошки предвидувања на нашиот љубовен живот, но сепак секогаш се смееме кога некое такво предвидување неочекувано ќе се погоди со љубовната реалност околу нас. Суштината на Фејсбук и навистина е универзална љубов, константно внимание кое ни го даваат другите, можност да станеме познати ако собереме многу пријатели и на тој начин сме „кул“. Но, која е цената на таа машина за перење на универзална љубов, која секојдневно не пере? Мора да ги прочитаме сите вести на порталите кои ги следиме, мора да бидеме во тек со сите промени кои се случуваат на нашите пријатели, иако се работи на пример за сосем неважен состанок. Мора да бидеме во тек со семејните ручеци или одење на базен.

Едноставно, мораме. Ова мораме, секако полека создава притисок во главата. Притисокот во глава не е баш добра работа, без разлика дали доаѓа од социјалните мрежи. Не, не е шега. Постојат луѓе на кои Фејсбук им е стресен фактор во животот. Па дури и луѓе на кои фејсбук-комуникацијата управува со нивниот живот.

Сите сме слушнале смешно-трагични приказни од Фејсбук, некаде во категорија меѓу анегдота и ловечка приказна. За соседи кои никако не стигнуваат да се напијат кафе, туку секојдневно се сретнуваат на пространства во виртуелните долини, за Казанова-ликови кои се во фејсбук-релации со 5-6 лица во исто време, за луѓе кои се логираат 437 пати дневно, за фејсбук-книжевници каде врвни писатели и поетеси се заблагодаруваат за секој коментар кој некој ќе им го напише на нивната ултра-претенциозна приказна или песна, за средби во живо со лица кои ги знаеме само преку фејсбук, кои со ништо не ги оправдале нашите очекувања, за манијаци или измамници од секаков калибар, за фашисти и други тоталитаристи кои овој медиум го користат за пропагандни цели. За сите тие кои всушност не сакаме да ги сретнеме во тој вистински живот.

Секако, сето тоа не е толку многу негативно како што се чини на прв поглед. Но фејсбук комуникацијата навистина е ефективна, брза и тече како по вода. Многу работи во денешниот глобализиран свет не можат да се замислат без таа алатка, посебно ако се занимавате со преводи или во домен на културата. Можеби навистина е така, а можеби само се убедуваме дека е така, плашејќи се од самотијата која постоела во времето пред да се појави фејсбук. Во тоа некое старо време можевме да бидеме со часови без никаков контакт со други луѓе, или во контакт само со своите мисли. И едната и другата алтернатива делуваат помалку застрашувачки, зарем не? Ќе се плашиме така се до црниот ден, кога нема да можеме да се логираме на нашиот профил. Пораката на екранот ќе биде клинички прецизна и ќе гласи: вашиот профил е деактивиран. Во страв и безумна паника ќе му напишеме на фејсбук да ни го врати профилот, бидејќи без него не можеме да живееме.

Вашиот свет и вашиот дом одеднаш ќе личи на комбинација на кафкијански штимунг и тоталитарна играрија на Орвеловиот Голем Брат. Но, нема да ви го вратат профилот. Навистина се уште имате избор: со години да бидете депресивни бидејќи не сте повеќе меѓу виртуелно живите, или да се завртите околу себе.

Есенското попладне е преубаво, време кога природата најдобро ги користи своите акварел бои. На фејсбук нема такви бои. Се чини дека основниот проблем на фејсбук и не е тоа што често се наведува како проблем: есенцијалната дистинкција меѓу виртуелниот и вистинскиот свет. Денес виртуелниот свет не е само репрезентација на материјална стварност која пасивно почива некаде во позадина, туку нашите животи навистина се отелотворени во инфосферата, како специфично миље конституирано од информативни ентитети и нивните комплексни релации.
Дали тоа значи дека станавме информациски организми и дека тоа е наша егзистенција, тој некој вистински живот за кој сонуваме е само информација? Ако тој процес подеднакво важи за сите корисници на социјални мрежи, не изненадува посебно тоа што многу луѓе кои ги сретнуваме во реалниот живот, а кои сме ги запознале на социјални мрежи или блогови, и не е толку различно од претставата која сме ја имале за нив.

Значи, проблемот не лежи во тоа сите да играме улоги и да носиме маски и дека фејсбук е само една платформа за лажирање на реалноста. Проблемот многу повеќе лежи во тоа ако таа социјална мрежа ви стане дом и стане доминирачки аспект во животот. Ако тука во таа рапидна комуникација градите свое огниште и барате еден вид мир. Пробајте да напишете еден поинаков, класичен меил и ќе видите дека тоа не е повеќе така лесно, како што беше во 90-тите години. вз/ссм/11:59

 

Извор: МИА