Посети на музеи, археолошки локалитети, историски градби и на други заштитени споменици на културното и природното наследство, со цел да се подигне свеста за значењето на културното наследство кај пошироката публика, особено кај помладите генерации. Ова е дел од програмата и од целите на манифестацијата Европски денови на културното наследство, која од денеска до 28 септември, по петнаесетти пат, ќе се случува на повеќе локации низ земјава. Манифестацијата ќе биде отворена денеска во 12 часот во Музејот на Македонија со изложба на фотографии наградени на Меѓународниот конкурс за фотографија на тема од културното наследство. Темата на годинашното одбележување е „Движно културно наследство“ и таа е одбрана токму поради фактот што во изминатите години повеќето музејски институции ја поддржуваа оваа европска иницијатива. Координатор е Музејот на Македонија.

Манифестацијата продолжува утре во 11 часот со ревија на етнолошки документарни филмови во Музејот на Македонија, од каде што продолжува во Музејот на современа уметност со отворање на изложбата „Српската колекција во МСУ“ во 20 часот. Истовремено во Завод и музеј Штип ќе се случува презентација на етнолошки предмети и домашна работилница. До 28 септември со изложби и работилници ќе бидат опфатени и Музејот на град Кратово, Завод и музеј во Битола, Завод и музеј во Прилеп, Завод и музеј во Струмица, Спомен-куќата на Мајка Тереза, како и посета на археолошкиот локалитет Исар.

Во текот на септември во сите европски земји се организираат денови посветени на културните и природните богатства на секоја земја. Годинава се одбележуваат 25 години од почетокот на одржувањето на оваа манифестација во европски рамки.