22 август 2010

Василиј Бојко-Великиј – шефот на најголемата руска компанија „Русское молоко“, рече дека ќе отпушта работници кои направиле или потпомогнале во извршувањето на абортус, или одбиваат да се венчаат по правилата на Руската православна црква.

„Имаме околу 6000 вработени, повеќето од нив се православни, и очекувам од нив да бидат верни и да се покајат“, објасни тој за Ројтерс.

Критичарите на неговата одлука истакнуваат дека така се нарушува Уставот на земјата и работното законодавство. Осуда изрази и Руската Православна Црква – портпаролот Владимир Вигилјански коментира дека овие правила ќе ги претстават во лоша светлина Црквата и религијата. Сепак, ќе се зајакне и загриженоста на либералите и следбениците на малцинските изповеданија во Русија од растечкото влијание на Црквата, додава Ројтерс.

Бојко-Великиј објаснува дека компанијата била формирана во името на православната преродба на Русија и правилата се создадени „за да спречат идни гревови на вработените“. Според него, дури и рекордно жешкиот топлотен бран, кој ја мачи земјата повеќе од еден месец, е Божјо наказание за гревовите и дека со венчавките може да се подобри ситуацијата.

Производите на „Русское молоко“ се продаваат во многу московски супермаркети како „еколошки“. Радио Ехото на Москва цитира зборови на Бојко-Великиј, кој рекол дека „жена која направила абортус, повеќе не може да работи кај нас … не сакаме да работиме со убијци.“

Директорот нема намера да воведува проверки дали меѓу подредените има такви кои веќе имаат направено прекин бременост на тој начин или да бара од нив соодветна декларација, но ќе се потпира на нивната чесност. „Повеќе ме загрижува нивното однесување во иднина отколку минатото“, додава Бојко-Великиј.

Оние кои склучиле граѓански брак имаат рок до 14 октомври и да се венчаат, ако сакаат да ја задржат работата. На назначените потоа ќе се даваат 3 месеци да го сторат истото, вели тој за Ројтерс.

Друго барање на воведениот „православен законик“ определува дека „Сите вработени во претпријатието во работно и вонработно време мора да преминат во претстојната учебна година курс за основи на православната култура, одобрен од Министерството за образование на Русија“.

Специјалисти за право на работни односи предупредуваат дека сето тоа е груба дискриминација, која не само што нема да издржи пред судот, но и ризикува да ја заглави компанијата со барања за надоместоци за милиони рубљи. Работодавачот нема како да се прикрие и зад намалување на функцијата. Ако меѓу отпуштените или оние кои одбиле да учат православие има бремени жени, Бојко-Великиј паѓа под обвинение на член од кривичниот законик, според кој може да добие глоба од 200 000 рубљи или до 180 часа поправен труд.

Преземено од: Двери

Преземено од: http://romaia.blog.mk/

сликата на Antonij