Иако познатиот американски синџир на книжарници и понатаму работи позитивно, неговата управа веќе со години се мачи со актуелната ситуација на пазарот на книги, која не им е наклонета на големите книжарници, а уште помалку на помалите. Еден од проблемите е што книгите веќе подолго време се продаваат по супермаркети како „Вол-март“ на пример, па луѓето полека ја загубија навиката да одат во книжарница  
  
  
Сеприсутните трендови на онлајн-продажба на книги, дигитализацијата и продажбата по супермаркетите го земаат својот данок. Најголемиот синџир на книжарници „Барнс енд Ноубл“ се соочува со сериозна финансиска криза. Некогаш купувањето книги подразбираше одење во книжарница, разгледување на насловите од полиците, препораки од продавачите...

Денеска ситуација е сосема различна - книгите се оддалечени од читателите само за една кредитна картичка и неколку клика со маусот. Воопшто не е потребно да се купи книга како предмет од хартија. Доволно е да имате киндл или ајпад. Книжарниците како место на кое се продаваат книги полека го губат приматот во дистрибуцијата. Пример за тоа е судбината на „Барнс енд Ноубл“.

Иако познатиот американски синџир на книжарници и понатаму работи позитивно, неговата управа веќе со години се мачи со актуелната ситуација на пазарот на книги, која не им е наклонета на големите книжарници, а уште помалку на помалите. Еден од проблемите е што книгите веќе подолго време се продаваат по супермаркети како „Вол-март“ на пример, па луѓето полека ја загубија навиката да одат во книжарница. Зошто да се мачат кога можат да го купат новиот светски бестселер заедно со продуктите за ручек. Друг проблем е, како што покажува статистика, што во Америка, особено во изминативе дваесет години, сé помалку време му се посветува на читањето. И секако, интернетските книжарници, како на славниот „Амазон“, кои константно им ги одземаат читателите на книжарниците од тула и бетон.

Аналитичарите предвидуваат дека големите синџири книжарници, како што е „Барнс енд Ноубл“, немаат сигурна иднина и дека успешната работа ќе зависи од нивната локација и клиентелата.

За да докаже дека има светла иднина компанијата „Барнс енд Ноубл“ реши да се вклучи на пазарот на електронски читачи, подготвувајќи му конкуренција на Амазоновиот киндл. „Нок“ е името на електронскиот читач што компанијата ќе го промовира во сите 720 книжарници во САД. Ќе чини меѓу 150 и 200 долара.

Без оглед на амбициозните планови и службениот оптимизам на управата, одлуката „Барнс енд Ноубл“ да се понуди на берза на продажба сугерира дека книжарскиот гигант долгорочно не го очекува среќен крај. 

Извор: Нова Македонија