СЕПАК СМЕ ДОБРА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО КУЛТУРАТА



Имаме голем потенцијал и токму поради тоа го привлековме вниманието на Меѓународната фондација за музика и уметност, со седиште во Лихтенштајн. Од нив следниот период ќе добиме шест концертни пијана


- Македонија се докажа како сосема добра дестинација за инвестиции во областа на културата. Имаме голем потенцијал и токму поради тоа го привлече вниманието на Меѓународната фондација за музика и уметност, со седиште во Лихтенштајн. Проблемите кои ги имаме не се специфични само за Македонија, тие се повторуваат низ целиот свет, коментира ликовниот уметник Ирена Гапковска, надворешен соработник на Интернационалната Фондација за музика и уметност, базирана во Вадуз, Лихтенштајн. Фондацијата е основана како непрофитна организација во 1988 година и доделува грантови за поддршка на културата.

Најсвежата донација во Македонија е концертниот клавир марка Милер, сместен во Мала Станица. Клавирот го доби музичкиот состав Скопски солисти. Гапковска веќе најавува дека во следниот период ќе добиеме уште шест пијана.

Во Македонија оваа фондација првпат со соработка започна во 2001 година, со поддршка на проектот на Центарот за народно творештво и реновирање на музејската колекција на носии во Битола.
Изминатата година Фондацијата поддржала преку 50 проекти, а инвестирала повеќе од 3 милиони евра.

Книгата за македонските носии од американскиот автор Наеда Робинсон, која треба да биде издадена во јануари следната година е еден од проектите поддржан од оваа Фондација. Гапковска најавува дека следно ќе се реализира голема опера, со позната режисерка од САД и ќе се постави популарно дело кое за првпат ќе биде прикажано во Европа.

-Операта Заробувањето на Еунис Вилиамс ја користи моќта на музиката за да оствари свежа и неодолива перспектива која се справува со конфликтите на културите во една воена состојба и во услови на војна, вели Гапковска.

Анита ЈОВАНОСКА - Вечер

 

Посети:{moshits}