Скопје, 4 јуни 2010 (МИА) - Од денеска до 25 септември на повеќе локации во Старата скопска чаршија ќе се случуваат над 160 културни настани кои се во насока на заживување и зголемување на посетеноста на Чаршијата.

Во текот на овие три месеци ќе бидат реализирани концерти, театарски претстави, саеми на книга, перформанси, проекции на филмови, изложби, фолклорни презентации, ревии на народни носии, гастрономски промоции и низа други културни случувања.

Во програмата, покрај манифестации финансирани од Министерството за култура, Градот Скопје и општина Чаир, партиципираат и национални и локални установи како и здруженија на граѓани. Како дел од програмата ќе бидат изведени културни настани од Скопско лето, фестивалот „Баскер фест“, фестивалот на документарен филм „Маке докс“, и манифестацииите „Звуците на чаршијата“ и „Бела ноќ“.

- Старата скопска чаршија, ова некогаш особено атрактивно и посетено место во главниот град на Република Македонија е наше заедничко богатство и од тука заедничка е одговорноста да се грижиме за него и да го сочуваме. Со реализацијата на оваа културна програма која претставува само еден сегмент од генералната платформа за ревитализација на Старата скопска чаршија ќе ја сочуваме културната хетерогеност на овие простори и ќе го вратиме сјајот на ова место на кое живата архитектоника на традицијата раскажува за мешањето на културите и обичаите, рече министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска на денешната прес-конференција на која беше претставена програмата.

Таа потсети дека Министерството заедно со Управата за заштита на културното наследство, Конзерваторскиот центар - Скопје, Градот Скопје и општините Чаир и Центар активно работат на реализација на Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија со која ќе се овозможи преземање на долгорочни мерки за обнова, одржлив развој и стопанско и културно реактивирање на Чаршијата.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски посочи дека Градот финансира повеќе културни и стопански манифестации чија цел е културната анимација и ревитализација на Старата скопска чаршија, нејзина туристичка промоција и заживување на старите занаети.

- Освен што е споменик на културата и еден од најголемите сочувани чаршии на Балканот од мешовит ориентален тип, таа отсекогаш го претставувала јадрото на стопанскиот и културниот живот на Скопје, рече Трајановски.

Сите културни настани што ќе се случуваат во текот на летниот период во Старата скопска чаршија ќе може да се проследат бесплатно. бак/са/13:34