Биографија на Гане Тодоровски
Гане Тодоровски завршил Филозофски факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје каде што и докторирал на темата "Веда Словена и нејзините мистификатори". Работел како новинар во Танјуг, "Млад борец" и "Студентски збор". Бил долгогодишен професор по хрватска литература и македонска литература - 19 век на Филолошкиот факултет во Скопје.

Со Литературна активност започнува непосредно по ослободувањето, и тоа во „Нова Македонија“, „Пионерски весник“, „Нов ден“ и др. Претежно се занимава со поезија и препеви. Има издадено повеќе збирки поезија. Се занимава и со критика и есеистика. Бил уредник на литературните списанија: „Иднина“, „Современост“, „Културен живот“, „Млада литература“, „Разгледи“ и други. Пишува и филмски сценарија, а дебитира со документарниот филм Проштевање (1963), како ко-сценарист.

Во 1951 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија, а во два наврати (1969-1971 и 1985-1986) е и негов претседател. Бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971) и одговорен уредник на списанието „Млада литература“. Член е на МАНУ.

Во 1990 година Тодоровски е избран за прв претседател на Движењето за семакедонска акција МААК, а подоцна е назначен за амбасадор на Македонија во Руската Федерација.

На 22 мај 2010 година овој македонски книжевен великан го напушти земскиот живот во својата 81 година од животот. Гане Тодоровски бил закопан во црквата „Свети Спас“ во скопското село Кожле на 26 мај 2010 и со литургијата чиноначалствуваше Архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. Негова последна желба било токму во ова село да биде погребан и неговата песна „Завет“ да биде прочитана на закопот. И желбата му била исполнета.

Творештво
Во утрините (поезија, 1951),
Тревожни звуци (поезија, 1953),
Спокоен чекор (поезија, 1956),
Божилак (поезија, 1960),
Апотеоза на делникот (поезија, 1964),
Претходниците на Мисирков (студии и огледи, 1968),
Горчливи голтки непремолк (поезија, 1970),
Снеубавен ден (поезија, 1974),
Трактати за сонцељубивите (есеи и записи, 1974),
Веда Словена (1979),
Маѓепсан мегдан (литературни записи, 1979),
Скопјани (поезија, 1981),
Подалеку од занесот, поблизу до болот (студии, 1983),
Со збор кон зборот (студии и критики, 1985),
Поход кон Хеликон (студии, 1987),
Неволици, неверици, несоници (поезија, 1987),
Неодложни љубопитства (студии, записи и критики, 1987),
Недостижна (поезија, 1995),
Осамен патник (поезија на англиски, 1996).
Составувач е на антологиите:

Песната - храброст (1975),
Австриската поезија на ХХ век (1982),
и други, а како коавтор ги приредил антологиите:

Словенечки поети (1956),
Езерска земја (1967),
Правостоина (современи поети од албанската народност во Југославија, 1968),
Нова хрватска поезија (1973),
Современа хрватска поезија (1981).
[уреди] Награди
Кочо Рацин,
11 Октомври,
13 Ноември,
Браќа Миладиновци,
Климент Охридски,
Гоце Делчев,
Димитар Митрев,
Наградата за книжевен опус на Мисла
Преведувачките награди

Григор Прличев,
Кирил Пејчиновиќ
Златно перо.


Рекоа за Гане Тодоровски...
„ Нашиот Гане се вреднува меѓу доминантните личности во балканските, но и дел од европските книжевности и култури, со испрекинат континуитет и задоцнети ренесанси, кои со нивната исклучителна творечка мисија, речиси сами го носат митот на континуитетот, драмата на обновата. Сведоштво за оваа исклучителна мисија, се и овие десет томови, извлечени од големата Ганева библиотека-живот која останува отворена во сите годишни времиња на постоењето. Гане е верниот и достоен потомок на претскажаното Прличево племе, кое требаше еден ден да стаса и на вистинскиот јазик, на мајчиниот јазик, да ја искаже поетиката на идентитетот и вистината за својот народ. Гане, како никој друг ќе го разбере кодот на јазичниот егзил на Прличев, ќе го преточи генијот на својата уметност. − Луан Старова “



 

ГАНЕ ТОДОРОВСКИ ПРЕД ПЕТНАЕСЕТ ГОДИНИ ОСТАВИЛ ЗАВЕТ ЗА СВОЈОТ ПОГРЕБ

Во песна си го опиша гробот

Кај неговиот пријател од доверба, адвокатот Никола Кајчевски тој ја составил последната изјава на желба во која кажал дека сака да биде погребан во селото Кожле, од каде што потекнуваат неговиот дедо и прадедо, дека сака да има мирен погреб, со поп, без големи надгробни говори, и дека задолжително сака да биде прочитана, наместо посмртен говор, неговата песна "Завет", која ја напишал за тој ден. За тестаментот не знаело ниту неговото семејство. Неговата сопруга Загорка, синовите Бојан и Денко со семејствата го исполнија заветот на големиот македонски поет и деец Гане Тодоровски, и го оставија да почива на гробиштата во Кожле, до црквата Св. Спас под огромен, повеќестолетен даб

Во 1995 година во Москва, поетот Гане Тодоровски ја напишал песната "Завет", и тогаш оставил тестамент. Кај неговиот пријател од доверба, адвокатот Никола Кајчевски тој ја составил последната изјава на желба во која кажал дека сака да биде погребан во селото Кожле, од каде што потекнуваат неговиот дедо и прадедо, дека сака да има мирен погреб, со поп, без големи надгробни говори, и дека задолжително сака да биде прочитана, наместо посмртен говор, неговата песна "Завет", која ја напишал за тој ден.
За тестаментот не знаело ниту неговото семејство. Неговата сопруга Загорка, синовите Бојан и Денко со семејствата го исполнија заветот на големиот македонски поет и деец Гане Тодоровски, и го оставија да почива на гробиштата во Кожле, до црквата Св. Спас под огромен, повеќестолетен даб. Местото е онакво какво што самиот академик Гане го замислил и опишал во песната "Завет".
Академик Тодоровски на чие последно испраќање, по комеморативната седница во Македонската академија на науките и уметностите, со автобус и со приватни коли дојдоа голем број негови колеги, следбеници, пријатели, почива до црквата Св. Спас која е изградена во 1847 година. Неговото посмртно опело го одржа поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот г.г. Стефан. Црквата беше претесна за сите оние што сакаа да се простат од својот другар и професор, собеседник. "Заводник во име на уметноста", ни рече сликарот Глигор Чемерски, кратко објаснувајќи ги долгите седенки и разговори со Тодоровски во гостилницата "Кај Јоле" и зборувајќи за еден од последните вистински боеми, за неговите ораторски и лидерски атрибути.
На последното заминување на професорот Гане, дојде писателска и уметничка елита од повеќе генерации. Секако, меѓу помладите се децата кои, исто така, пораснале "Кај Јоле" понесени од дружбата на нивните родители со Гане, како Сергеј Андреевски или помладиот Мазев. "Човек енциклопедија. Гане знаеше сe", ни рече Сергеј.
Доаѓајќи во Кожле, во дворот на куќата на академик Тодоровски, најдовме негови пријатели, меѓу кои беа писателите Братислав Ташковски, Венко Андоновски, Блаже Миневски. Сите тие со питомост зборуваа за Гане, зашто самиот имал питомост во себе.
Семејството Тодоровски имаат викенд куќа во селото Кожле, во пределот Корија кај Катланово. Планинското село е на околу 500 метри надморска височина. Преку годината има 7 жители, а во летото со викенд куќите во Кожле живеат околу 35 луѓе. Нема училиште, зашто нема млади. Но Кожле има градски нивики. Така ни раскажа говедарот со високо образование Киро Николовски. Тој вели дека Кожле потекнува од град. Град со истото име кој бил особено жив во 5 век, а потоа и во 14-от. Тоа, на закопот на омилениот поет, ни го потврди и археологот Паско Кузман, кој ни рече дека токму сега се откопуваат бедемите на тврдината од градот, а кои се токму под селото. Мештаните овде велат дека потврда за тоа дека се од град е тоа што тие немаат традиционална народна носија, или дека никогаш во ова село не се јадело од една чинија. Секогаш, колкава и да била сиромаштијата, сите имале своја чинија, и своја лажица.
Помладиот син на Гане, Денко, ни рече дека татко му сакал да доаѓа во Кожле одвреме навреме, и на прашањето дали тука пишувал, Денко се насмеа и ни рече: "Тој секогаш и секаде пишуваше".
М. Зафировска
Фото: Б. Граданоски


Завет

Овдека дечиња, овдека внучиња мои.
Ридјето кај што се гравали, дабјето кај што се рои,
Могилка малечка овдека нека ми стои.

Могилка молковна: два-три миловидни бреста -
Налик на клепала, за да ја разнесат веста
Дека на некојси овдека гласот му престанал...

Грска темјанушки, ко што е редно, да 'ртат,
Колку на минувачите погледот да им го свртат
И да им приспомнат троа-од-троа за смртта.

Кожле да вишнее. Вардар со рикот да рика,
Полногласно од врутока до утока да вика.
Одоколу да тече време македонско, да блика...

Могила што ќе ја молитват ветројне планински,
Камен, со неколку галежни зарешки кирилски,
И - едно нашинско презиме, со златно крајче на СКИ!

Гане Тодоровски

 

Извор: Вест 

Друго: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=52610921375&id=13&setIzdanie=21991

 

Гане Тодоровски е доминантна личност во балканската култура

 

Издавачката куќа „Матица македонска“ во МАНУ ги промовираше Избраните дела во десет тома од академик Тодоровски

НЕВЕНА ПОПОВСКА

„Гане Тодоровски спаѓа во редот на највпечатливите ангажирани и остроумни личности во македонската литература.-рече во својата поздравна реч Раде Силјан на вчерашната промоција на Избраните дела во десет тома од Гане Тодоровски, објавени во издание на „Матица македонска“. Неговите стихови извираат од неисцрпниот вруток на македонската почва и со сиот свој сјај (естетски и идеен) проблеснуваат пророчки, секавично. Тежиштетот на неговата поезија е насочено кон повеќе тематски пунктови кои во изразната целост се проткајуваат и се надополнуваат, нудејќи возбудливи слики и силни пораки. Во Македонската литература, Гане Тодоровски заора бразди, обликува препознатлива и широко прифатлива и трпеливо градена поетика, која стана репер за високите естетски вредности. Уметничките дострели на неговите бројни книги го воздигнаа на пиедесталот на една многустрана поетска големина, која може да се именува како национална гордост. Неговите поетски остварувања претставуваат неодминлива лектира во современата македонска литература. Тие се наша реалност, но и наша препознатлива традиција.“

За академик Луан Старова „нашиот Гане се вреднува меѓу доминантните личности во балканските, но и дел од европските книжевности и култури, со испрекинат континуитет и задоцнети ренесанси, кои со нивната исклучителна творечка мисија, речиси сами го носат митот на континуитетот, драмата на обновата. Сведоштво за оваа исклучителна мисија, се и овие десет томови, извлечени од големата Ганева библиотека-живот која останува отворена во сите годишни времиња на постоењето. Гане е верниот и достоен потомок на претскажаното Прличево племе, кое требаше еден ден да стаса и на вистинскиот јазик, на мајчиниот јазик, да ја искаже поетиката на идентитетот и вистината за својот народ. Гане, како никој друг ќе го разбере кодот на јазичниот егзил на Прличев, ќе го преточи генијот на својата уметност.“

За поетското творештво на академик Гане Тодоровски, говореше Веле Смилевски, кој меѓу другото рече: „Гане Тодоровски е поет на непосредноста. Таа непосредност го чини и поетскиот чин сложен, по многу нешта деликатен, зашто станува збор за простор на кој е потребна крајна прецизност во преточувањето на една реалност во друга, од фактичката животна материја во поетска суштина, во песна која треба во себе да содржи, како што вели поетот: „Многу проценти сегашнина,/ Многу промили од едно становито ЈАС“. Дел од песните на на Гане Тодоровски претставуваат своевидни прилози за духовната биографија на поетот, еден од оние осамени патувачи кон брегот во ноќта без интерпункција. Сега, на почетокот на новиот век, од другата страна на времето во кое останаа повеќедецениските длабоки траги на поетот, можеме да констатираме дека генерациите кои допрва ќе доаѓаат ќе имаат можност под едноставниот наслов „Епитаф“ да прочитаат: „Палавев, пиев, пеев/Зборој сеев-ветрој жнеев!/Најбогатник божем некој/цел се раздадов на веков!“

На препејувачката дејност на академик Тодоровски се осврна Ефтим Клетников. Тој во својата реч под наслов „Во најгорните возвишенија на препејувачката уметност“ подвлече: „Едно е неоспорно јасно: Гане Тодоровски има најголем препејувачки опус кај нас во севкупната историја на македонскиот препев. Но, не само со голем обем, препевот на Гане Тодоровски се одликува и со врвен квалитет, сместувајќи се во најгорните возвишенија на таа уметност. Во што е тајната, магијата на препевот на Тодоровски. Веројатно најмногу во неговата екстатична страст за овој вид творештво во кое безмалку не постои разлика меѓу сопствената, автентична и препеаната песна. Како и двете да бликаат од исти извор. Гане Тодоровски поседува вродена страст за препевот. Нагон за тој вид израз. Но исто така поседува и јасна свест за него како културолошка и хуманистичка визија, како најубав начин за градење на духовни мостови меѓу народите. Гане Тодоровски е еден од тие неуморни градители на такви мостови“.
Извор: http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=64B48A7395D5B64CA2C0CE93F3CB9DE5



Почина академик Гане Тодоровски

Скопје, 23 мај 2010 (МИА) - Во Скопје синоќа на 81 година почина академик Гане Тодоровски, соопштија денеска Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Академик Гане Тодоровски е роден во Скопје, на 11 мај 1929 година. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што бил дологодишен професор.

Тодоровски беше првиот амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација. За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1997 година и беше член на ДПМ. 

Тој е автор на импозантно литературно дело во две магистрални насоки: автентично литературно писмо, кое се остварува во доменот на поезијата и во областа на историјата на книжевност, критиката и есеистиката. Академик Тодоровски е автор на 12 книги поезија, кои секогаш значеле настан во мигот на појавувањето и, истовремено, оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература.

Неговите први стихови датираат од времето на Втората светска војна и во нив се огледа тематскиот и стилски печат на една епоха во која се прават првите чекори кон македонската самостојност и слобода. Понатаму, овој исклучително плоден поет учествуваше во сите творечки периоди низ кои минуваше македонската поезија, давајќи богат придонес кон нејзиниот развој.

Академик Гане Тодоровски е истакнат преведувач на модерната светска поезија на македонски јазик. Неговата дејност на ова поле е ориентирана кон руската поетска школа, англосаксонската, германската, француската, полската и чешката, а кон тоа треба да се додадат и огромен број препеви од литературите на балканскиот книжевен круг.

Еден дел од активностите на поетот литературниот критичар и есеист Тодоровски е сврзан и со историјата. Академик Тодоровски беше пасиониран истражувач на македонскиот 19 век, книжевно-историска област кон која тој целиот свој творечки век беше доследно приврзан. Тој ги толкува делата на нашите претходници не само како документи и сведоштва за минатото, туку и како активни фактори и моделатори на нашиот современ литературен израз и на состојбата на нашата современа национална свест.

Постигнатите научни резултати во областа на македонистиката го вбројуваат академик Гане Тодоровски помеѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови, како во Европа така и во светот.

Академик Тодоровски е добитник на повеќе признанија и награди: „11 Октомври“, „23 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“ - Струшки вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ - ДПМ, „Димитар Митрев“ - ДПМ, „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачки опус, Книжевно жезло и на голем број пофалници во земјава и во странство.         

Заедничката комеморативна седница ќе се одржи во МАНУ во 10:30 на 26 мај. ев/13:43

###