6 мај 2010

Од денеска до 9 мај во Охрид под мотото „Религијата и културата - нераскинлива врска меѓу народите“ ќе се одржува Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

На Конференцијата се очекува присуство на околу 480 домашни и странски гости од повеќе од 30 земји, истакнати политичари, научни и културни работници, видни експерти и универзитетски професори кои се занимаваат со прашања од областа на религијата и културата, претставници на меѓународни и на младински организации, како и претставници на невладиниот граѓански сектор.

Свој придонес на Конференцијата ќе дадат претставници на римокатоличката, муслиманската, евангелистичко-методистичката црква, Црквата на Исус Христос, будисти, претставници на Еврејската заедница, адвентисти, протестанти. Своето присуство го најавија и високи црковни лица од Русија, Албанија, Ерменија, Индија, Либан, Ватикан, Израел, Швајцарија, Австрија, САД.

Со одржувањето на оваа конференција, преку размената на мислења и искуства на претставници на различни религии и култури, ќе се промовираат религијата и културата како фактори на мирот. Воедно ќе се подвлече фактот дека почитувањето на верските права и на културната разновидност е темел на мирот и просперитетот. На Конференцијата ќе биде потенцирана и улогата на религијата и на културата во трансформацијата  на општеството.

Конференцијата ќе ја афирмира вистината дека културата може да одигра клучна улога во надминувањето на религиозните и расните предрасуди и на меѓународните нетрпеливости, негувајќи го вековното традиционално разбирање во меѓуетничките односи.
 
 Конференцијата „Религијата и културата - нераскинлива врска меѓу народите“ се организира во рамките на Меѓународната година на ООН за зближување на културите. Настанот е во рамките на „Декадата за дијалог помеѓу цивилизациите“ и „Декадата за култура на мирот на ООН и УНЕСКО“ и претставува континуитет на дијалогот започнат во Охрид  од 26 до 28 октомври 2007 година. Со реализацијата на Втората светска конференција ќе се одбележат три значајни јубилеи во Република Македонија: 100 години од раѓањето на светската хуманистка Мајка Тереза, 1100 години од упокојувањето на св. Наум и 1400 години од објавувањето на првото издание на Куранот.

Организатор на Конференцијата е Министерството за култура во соработка со Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија. Настанот е поддржан од Владата на Република Македонија и од УНЕСКО кој, како и за Првата конференција, партиципира и со финансиска поддршка, овојпат со 100.000 американски долари. Дел од одобрените средства на УНЕСКО се обезбедени од шпанските фондови за остварување на Милениумските развојни цели, во рамките на проектот на УНДП „Подобрување на интеретничкиот дијалог и соработка на заедниците во Република Македонија”. За Конференцијата поддршка даде и Фондацијата на холокаустот и Евреите во Македонија со сума од 40.000 американски долари.

 

МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Друго:

Охрид, мај 2010

Проф. Никола Црнокрак

 Живееме во 21. век и слободата е голема работа. Но да се има слобода, не значи да се биде против некого. Ние мораме да наоѓаме заеднички соживот, верско почитување едни кон други, тоа е основа на еден демократски систем, изјави Никола Црнокрак, професор на угледниот Православен институт „Свети Сергеј“ во Париз.
Во врска со прашањето меѓу МПЦ и СПЦ, професорот Црнокрак изрази жалење што не може да се најде помирување, консензус меѓу двете цркви. - Уште како дете ја видов таа поделба. Треба да надвледее интелигенцијата, љубовта, почитувањето. За мене двете цркви се едно исто, не гледам разлика, тоа се прашања од историски и политички карактер за кои треба да се најде решение, истакна професорот, со забелешка дека прашањето треба да се решава етапно, преку консензус.

Проблем, според него претставува и толкувањето на самите термини „автокефална“ и „автономна“.

- Секоја црква доколку е автономна истовремено е и автокефална. Македонија стана посебна држава, па согласно тоа треба да постои и самостојна црква во рамките на македонската држава, додаде тој.