Автор: Виктор Арсовски    
Објавено на: 17.02.2010 
1 Наместо да предаваме во училница и да трошиме и печатиме книги би можеле да правиме и HD едукација, значи да направиме телевизиска едукација на голем број корисници, повеќе отколку што собира едно училиште. Вака размислува 9-годишниот Марко Чаласан кој неодамна стана најмладиот Мicrosoft систем администратор во светот.

„Информатиката во училиштата не е толку сериозна. Кога би бил професор би ги предавал сите нормални предмети, но би ја имплементирал информатиката и во хемијата и физиката за да се учат подобро.“ вели тој.

Неговиот татко Милан се сеќава дека Марко започнал да „чепка и форматира текст во Мicrosoft Word“, а денес по само 2-3 години Марко одржува мрежа од околу 19 компјутери. Тој моментално работи на проект да пренесува HD видео2 преку слаба мрежа, проект за кој Mакедонски Телеком ќе му даде на Марко пристап до нивниот дата центар да постави неколку сервери и да ја продолжи својата работа.



Марко и неговиот татко Милан Чаласан.

Несомнено е дека Марко е талент за информатичката технологија, но огромен дел од неговото образование и знаење доаѓа од родителите. Милан Чаласан, неговиот татко, е и самиот систем администратор кој работи на развој на нови модели за едукација на најмладите. Тој вели дека децата се одлични ученици кога се работи за технологија.

„Правев истражување со дечиња од 6 до 12 години и сите 130 дечиња покажаа одлични резултати во учењето. Многу е важен пристапот кон технологијата, како ќе се пристапи посебно кога се работи со деца. Важен е и педагошкиот фактор и начинот на едукација, како да се специјализираат групите деца при образованието.“

Неодамна беше Европскиот ден за онлајн безбедност4 на кој фокус беше ставен на безбедностa на најмладите бидејќи и тие се „закачени“ на интернет. Го прашав Милан и 9-годишнот Марко што тие мислат за онлајн безбедноста.

„Има различни пристапи како може да се работи на тоа поле. Може да се обезбедат мрежите, да се обезбедат апликацаиите и да се едуцираат децата. Можеби во Македонија нема некој интегриран систем, но има дебати за безбедноста што е и позитивно.“ вели Милан.

За Марко, пак, образованието е најважно.

„Најдобар начин е едуцирање на децата, бидејќи со обезбедување со мрежите кај децата пак нешто ќе има во глава. Исто со Parental Control во Windows 7 може да се блокираат одредени сајтови, може и игри да се контролира или да се лимитира колку можат да работат на компјутер. Но, доколку се образуваат децата нема да има проблеми.“



Марко Чаласан во својата лабораторија.

Пишувајќи за малиот информатичар, странските медиуми го крстија како ИТ Моцарт.6 За Марко кој повеќе ги сака Linkin Park, сепак споредбата со Моцарт е огромна чест.

„На почетокот кога ме нарекуваа ИТ Моцарт, не знаев кој е тој и што е тој Моцарт, но потоа отидов на Wikipedia и дознав кој е Моцарт и навистина ми е драго да ме нарекуваат така.“

Покрај музиката, Mарко навива за Челзи и тренира тајландски кик-бокс, а најомилена тема му е астрономијата.

„Астрономијата е многу поврзана со информатичката технологија.“ вели тој смеејќи се.

Во меѓувреме Марко продолжува со ИТ образованието вежбајќи и работејќи на проектот за пренос на HD видео.

„Би сакал да имам пристап до 'рбетот на мрежнатa инфраструктура на Македонски Телеком за да можам таму да ги поставам моите сервери за моите HD лекции. Тоа ќе оди преку MaxTV боксовите.“ објаснува Марко кој има објавено видео туторијал на YouTube за како се прави бутабилно USB за инсталација на Windows 77.

Неодамна и компанија од Канада му предложила соработка со нивниот дата центар.

„Компанијата од Канада ми нуди лабораторија, сместена во Канада со добра опрема и јас со далечински пристап (remote access), значи од тука да имам пристап и да ја администратирам лаботоријата. Тие сервери ќе бидат поврзани со 10 мегабитна линија.“

Талентот и светската популарност сугерираат дека 9-годишниот Марко ќе ја напушти земјата во потрага по „повисока технологија“ како што вели самиот. Желба му е да отиде во Редмонд, САД, каде е седиштето на Microsoft. Но... сега за сега тоа што е важно за Марко е да продолжи правилно да се развива, вели неговиот татко Милан.

„Најбитно е Марко да се развива правилно и да се овозможат услови за да може да продолжи со образованието, да не закочи. Сега сме во таа фаза кога ќе треба да научи нешто повеќе. Не е технологијата само PC. Има други работи кои треба да се изучат, но не само со сувопарно читање теорија, туку и да има допир со таа технологија.“ вели неговиот татко Милан кој објаснува дека често купуваат опрема од други земји бидејќи во Македонија нема одредена технологија.



Марко и Милан Чаласан.

Интересно и покрај успехот на Марко, неговите родитиле се често критикувани бидејќи „не го оставаат детето да се развие правилно, не се социјализира со другите деца, го форсират, не расне правилно...“

„Негативните коментари ќе постојат. Но погрешно е сфаќањето дека детето работи нон-стоп на компјутер и се зрачи. Марко поминува стандардно по 4 часа дневно на компјутер. Но, тој исто така си вози ролерки, си игра со дечињата надвор, прави што прават сите деца. Разликата е што тој наместо да игра игри на компјутер, работи наменски. Но, не ги осудувам децата што играат игри. Секој си има право на избор.“ вели Милан.

 

 

Извор: http://it.com.mk/index.php/Statii/Intervjua/Marko-Chalasan-IT-Mocart