Првите податоци за населбата кај Таор ги забележал англискиот истражувач, археолог и патописец Артур Еванс, уште пред стотина години. Престојот во скопскиот регион Еванс го искористил за посета на повеќе антички локалитети. Покрај античкиот град Скупи, тој го посетил и Градиште кај селото Таор, за кој забележал дека е родното место на императорот Јустинијан  
   
  
Селото Таор лежи на околу 20 км југоисточно од центарот на Скопје, на левиот брег на реката Вардар, на местото каде што реката се извлекува од мочуришниот шамак и навлегува во Таорската Клисура. Единствената комуникација со Скопје селото ја има преку мостот на реката Вардар и селото Орешани. Во римско време во северното подножје на населбата поминувал магистралниот повардарски пат, кој од Скупи преку Стоби одел за Тесалоника. Населбата на локалитетот Градиште се наоѓа на североисточната периферија на селото Таор, расположена на висок рид што го сочинуваат акропола и две тераси.

Акрополата е поставена на јужната страна од локалитетот, на највисоката и најдоминантна позиција на ридот со визуелна прегледност над пошироката околина. На нејзиниот јужен крај се соединуваат западниот и источниот одбранбен ѕид во јака „кула-бастион“. Јужно од него е ископан длабок одбранбен ров, кој сé уште се распознава на теренот.

На северната страна од акрополата е поставена првата тераса, триесетина метри пониско од неа. Истражувања се лоцирани на источната страна на оваа тераса. Акрополата и првата тераса се опфатени со одбранбен ѕид. Долната, втора тераса го претставува подградието и зафаќа најголем простор, и таа е опфатена со одбранбен ѕид, кој се врзува за оној од акрополата и првата тераса.

Од западната и источната страна населбата има по една помала тераса. Западната се врзува за подградието и на неа лежи современата некропола на селото Таор. Источната, пак, е врзана за втората тераса и претставува коса стрмна падина, веројатно со одбранбена функција. Засега на овие тераси не се откриени остатоци од градежни интервенции или движни археолошки наоди.

Првите податоци за населбата кај Таор ги забележал англискиот истражувач, археолог и патописец Артур Еванс, уште пред стотина години. Престојот во скопскиот регион Еванс го искористил за посета на повеќе антички локалитети. Покрај античкиот град Скупи, тој го посетил и Градиште кај селото Таор, за кој забележал дека е родното место на императорот Јустинијан.

Првите сондирања на населбата ги изведе екипа на Музејот на градот Скопје во 2000 година. Од следната 2001 година на населбата се изведуваат систематски истражувања, лоцирани на североисточната страна од населбата, на местото каде што претходните сондажни истражувања дадоа најголеми резултати. Теренот на ова место претставува блага коса падина, на што се должи и различното ниво на културниот слој, кој ја следи нивелацијата на теренот. На локалитетот беше поставена квадрантна мрежа, чија основа беше почнување на систематските ископувања.

Освен на делот што го претставува централното подрачје, истражувања се изведени и во функција на трасирање на одбранбениот ѕид и утврдување на состојбата со културните слоеви на други делови од населбата. Така, според резултатите од досегашните истражувања, можат да се издвојат три културни хоризонти на живеење - праисториски, доцноантички и раносредновековен.

Праисторискиот културен хоризонт припаѓа на раното бронзено време. Потврден е преку камени секирки, кремени ножиња и повеќе фрагментирани делови од керамички садови, откриени во античките слоеви. Со досегашните истражувања сé уште немаме откриено културен слој од овој хоризонт. Тоа веројатно се должи на фактот што нашите истражувања се концентрирани на источниот периферен дел од населбата, при што се откриени и редуцирани наоди. Не се исклучени ни неколкуте подоцнежни интервенции и деструкции врз оваа населба, така што од неа веројатно се останати минимални траги. Концентрација на овој културен слој се очекува кон централниот дел на населбата, или евентуално на јужната тераса.

Доцноантичкиот културен хоризонт е потврден преку многубројните движни археолошки наоди и откриените градби. Во стратиграфијата на овој хоризонт јасно се издвојуваат две населби. Првата егзистирала во периодот од IV до VI век, односно до катастрофалниот земјотрес во 518 година, а втората по земјотресот во текот на VI век.

Со досегашните истражувања од првата населба сé уште не се констатирани градби. Но наодите на монети и други подвижни археолошки наоди ја дефинираат оваа населба во доцноантичкиот културен хоризонт. Најголемиот дел откриени градби и подвижните археолошки наоди припаѓа на втората населба.

Во истражувањата од втората населба се откриени повеќе градби. Одбранбениот ѕид на населбата е откриен во должина од околу 40 м. На сите места широчината му изнесува 1,60 м. На него засега се откриени две надворешни кули. Првата се наоѓа на североисточниот агол од населбата, има правоаголна основа, димензии 4,30 х 2,70 м од внатрешната страна, ѕидовите и се широки 1 м. Втората се наоѓа околу 50 м појужно и е поголема од првата. Таа е речиси со квадратна основа, има димензии 9,20 х 8,60 м од внатрешната страна, ѕидовите и се широки 1 м. На околу 20 метри јужно од првата кула е откриен влез во одбранбениот ѕид со широчина од 1,70 м, со поплочен праг. Во влезот е откриена мермерна надгробна стела со секундарна функција.

Во внатрешниот дел на одбранбените ѕидови истражен е простор од околу 1.800 квадратни метри. Во него се откриени две градби со повеќе простории одвоени со улица. Улицата е откриена во должина од 25 м, широка е 2,60 м и продолжува кон запад. Првата градба се наоѓа северно, а втората јужно од улицата. Првата има три простории, чии комуникации се изведени од улицата, а втората претставува затворен атриумски простор на поголема „јавна градба“. Трите простории од првата градба се со различни димензии, а нивната функција засега останува нејасна. Сите имаат влез, изведен од улицата, додека на нивната северна страна не е констатиран ѕид. Ваквата состојба не придонесува да им се утврди карактерот. Во нивниот простор не се откриени карактеристични археолошки наоди што евентуално би ја определиле функцијата. Градбата јужно од улицата е речиси целосно откриена. Се работи за атриумски простор и четири простории со различна големина. Има неправилна четвртеста основа, која со три ѕида го затвора источниот влез во одбранбениот ѕид на населбата. Сите три ѕида се со атриумски отвори, функционално приспособени според позицијата што ја заземаат. Градени се од делкан и речен камен врзан со варов малтер, широки еден метар.

(продолжува)


 


Вековното опстојување на градот Скопје, проследено низ историските премостувања од антиката до денешни времиња, претставува неисцрпен извор и инспирација за континуирани истражувања на овој, по многу нешта, единствен град. Поттикнати од идејата за афирмирање на историското и културното минато на Скопје и на Македонија, Институтот Евро-Балкан и Културно-информативниот центар го иницираа проектот за организирање културно-историска манифестација, посветена на раѓањето на императорот Јустинијан Први. Од „Деновите на Јустинијан“ произлезе Зборникот на трудови презентирани на научниот симпозиум „Скопје помеѓу античкото и модерното време“. Делови од рефератите на учесниците објавуваме на страниците на „Нова Македонија“, за да објаснат некои дилеми за ликот на Скопје некогаш и денес, поттикнати од проектот „Скопје 2014“.
  
   
Автор: Киро Ристов 

 

Извор: http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=31910153538&id=17&prilog=0&setIzdanie=21939