Нова аутопсија на финансиската криза токму во момент кога Конгресот почнува дебата за заострување на регулирањето на банкарската индустрија

(Политика - Белград)

 

Колку луѓе во светот разбраа што се случуваше на Волстрит пред избивањето на најголемата финансиска криза во новата историја?

Десет, најмногу 20 - гласи одговорот на Мајкл Луис, автор на книгата „Големи куси - внатре во машината на судниот ден“, најнова аутопсија на големиот слом кој го разниша целиот свет. Книгата во книжарниците се појави во понеделникот, истиот ден кога Конгресот почна дебата за предлог законот кој треба да воведе нови правила во банкарската индустрија во која до сега владееше „пазарен фундаментализам“.

Книгата на Луис веќе е бестселер во најголемата интернет книжарница Амазон, а авторот кој својата кариера ја почна токму со бестелерот во кој ја опишал својата куса кариера како брокер на Волстрит, овие денови е баран гостин на телевизиите. Тој доби голем публицитет при разговорот за Би-Би-Си мрежата, во познатата документарна емисија „60 минути“, која без прекин се емитува од 1968 година, а првите емитувања за неговата документарна проза се многу пофални. Пред се поради тоа што со разбирлив јазик објаснил една тешко сватлива област, а потоа што кризата ја објаснил низ вистинска приказна на неколку актери кои се збогатија во кризата - бидејќи на време сватија што се случува.

Такви луѓе има најмногу 20 во светот, од неколку десетици илјади берзански брокери, кои ја забележаа бурата која надоаѓаше. Се работи за менаџери на мали „гаражни“ берзански „хеџ“ фондови, кои внимателно следејќи ги бројките, посебно тие за движењето на хипотекарниот пазар (продажбата на куќите на кредит), сватија што се подготвува и заработија „тони пари“ на т.н. куси (шорт) трансакции.

Зошто и другите не ја видоа пораката на броевите? Одговорот на Мајкл Луис е едноставен: „Затоа што беа платени да не ја видат вистината“. Според него, повеќето извршни директори на големите финансиски куќи не знаеле што се подготвува, а освен тоа, системот кој им обезбедуваше плати и бонуси од неколку десетици милиони долари годишно, беше толку „извртен“, па станаа слепи за долгорочните интереси на своите компании.

Нормално беше очекувањето после сломот и тие да пропаднат, но не пропаднаа. Кога за нивните паднати куќи понуди помош државата, со образложение дека „премногу се големи за да пропаднат“ (формулација измислена во последните месеци во администрацијата на Буш), тие беа исплатени со милионски отпремнини. Според Луис, многу од нив повторно заработуваат милиони, бидејќи единствено тие го разбираат хаосот кој се создаде и единствено тие знаат како да го расчистат.

Зошто не ги предупредија агенциите за кредитен рејтинг како што се „Моди“ или „Стандард и Пурс“ на ризичноста на „дериватите“, финансиски инструменти најнапред замислени за да го намалат ризикот од несолвентните кредити, за потоа и самите да станат ризик? Бидејќи се дел од системот, тврди Луис: и тие сакаат да ги соберат своите пари за проценка, применувајќи ја методологијата која им ја дадоа токму тие за чија сметка вршеа проценки. Големи куќи како што се Голдман Сакс, Сити и други. вз/

http://www.mia.com.mk/default.aspx?lId=1