Берза -

Скопје /13/11/ 14:35

Подигнување на свеста кај македонските друштва за важноста на практиките на доброто корпоративно управување е целта на проектот на Македонска Берза, кој беше претставен денеска во Скопје.

Носителот на проектот за оваа намена изработи „Прирачник за добро корпоративно управување на македонските акционерски друштва“, со поддршка на УСАИД, Меѓународната финансиска корпорација и швајцарската Влада.

Прирачникот треба да биде користен како практична алатка од страна на раководствата на компаниите при планирањето и извршувањето на одлуките во секојдневното работење.

Тој опфаќа прашања кои се битни за акционерите и инвеститорите, особено оние кои се поврзани за нивните одговорности и практики, за правата на акционерите, следењето на прописите и временската рамка, но, го отвора и прашањето за внатрешна контрола и ревизија, практика која не е вклучена во законската регулатива.

Директорот на мисијата на УСАИД, Патриша Рајдер подвлече дека со добро корпоративното управување компаниите стануваат попрофитабилни, остваруваат раст, а и стануваат привлечни за инвеститорите, со што се отвораат нови работни места.

Гледано од макроекономски аспект, корпоративното управување е добро за Владата, бидејќи овозможува раст на економијата, а значајно е и за купувачите, бидејќи преку него може да ги вреднуваат и оценуваат компаниите.

Швајцарската амбасадорка во Македонија, Никол Вирш направи споредба помеѓу нејзината земја и Македонија, пронаоѓајќи многу сличности, бидејќи и двете се соочени со мал пазар, поради што се принудени да се ориентираат кон надвор.

Позитивното искуство со корпоративното управување во Швајцарија и сличностите помеѓу двете земји, била основната причина Швајцарската Влада да го поддржи овој проект, истакна Вирш. /крај/ап/б