Скопје, 13 ноември (МИА) - По повод 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје градоначалникот на Град Скопје Трифун Костовски денеска ќе се сретне со борците од Народно ослободителната војна, кои учествувале во ослободувањето на Скопје.

Потоа високи државни делегации, борците од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, претставници на општините на Град Скопје и членови на други институции ќе положат цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата на Република Македонија. Делегација на Град Скопје, ќе положи цвеќе на партизанските гробишта во Бутел.

Во чест на Денот на ослободувањето во Музејот на Град Скопје ќе се одржи детската манифестација, под мотото „Го градам својот град“, каде децата своите идеи за тоа како го замислуваат Скопје ќе ги изразат преку различни ликовни дела.

Вечерва во Музеј на Град Скопје ќе се одржи традиционалната Манифестација АСК „Архитектура Скопје“, во чии рамки ќе биде отворена изложба на дела на скопските архитекти и ќе бидат доделени наградите за архитектонски достигнувања. Исто така, градоначалникот Костовски ќе им врачи наградата  „13 Ноември“ на Град Скопје за 2007 година на годинешните добитници на највисокото признание што го доделува Град Скопје.

Од областа на науката годинашни добитници се проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ од Филолошки факултет во Скопје за монографијата „Македонија лулка на словенската писменост“, како и проф.д-р Радослав Наумовски редовен професор по неврологија на Медицинскиот факултет во пензија - за книгата „Епилепсии“.

Од областа на публицистика наградата ја доби Лилјана Мазова, театарски критичар и публицист, за долгогодишни остварувања во областа на театарската уметност, а за особени остварувања во воспитно-образовната дејност наградено е СМУ „Д-р Панче Караѓозов“. 

Првенката на Балетот Александра Мијалкова е наградена за значајни остварувања во областа на балетската уметност, а композиторот Славе Димитров за значителен придонес во унапредувањето и афирмацијата на музичката култура и културното живеење во Скопје и Република Македонија.

Проф. д-р Живко Попов хирург-уролог ја доби наградата за особен прдонес во развојот и меѓународната афирмација на Уролошката хирургија и трансплантација на бубрези во градот Скопје и Република Македонија, а  Живко Дуковски, спортски работник, за долгогодишно ангажирање и афирмација на боксерскиот спорт.  За врвни достигнувања во областа на спортот е награден Иво Цветковски, а архитект Олга Чоланчевска за долгогодишен творечки опус во областа на архитектонското творештво.

Директорот на уметничката куќа во Нинберг Јоахим Блаиштаин ја доби највисоката награда на Град Скоје за особен придонес во развојот на ликовната дејност во Македонија и афирмација на македонската уметност во Германија, а  драматургот Душан Јовановиќ за целокупниот творечки опус во драмската уметност и книгата „Ослободувањето на Скопје“

За континуиран одличен успех во наставните и воннаставните активности и постигнати резултати на регионални и републички натпревари по математика и и пливање награден е Марко Блажевски, а фолклорната секција на ОУ „Димитар Миладинов“ наградата ја доби за негување и афирмирање на македонскиот фолклор во Републиката и надвор од неа.  Студентот на Филолошки факултет - Скопје Марко Манчев е награден за континуиран одличен успех и активно учество во наставните и воннаставните активности и постигнати резултати на регионалните, републичките и меѓународни натпревари по литература и информатика.вј/дма/8:39

++++++

Шеесет и три години од ослободувањето на Скопје

МИА  
13.11.2007 09:25
Ченто држи говор во ослободено Скопје
 

Пред 63 години на овој ден борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

Скопје првпат се спомнува од Клаудиј Диоломеј под античкото име Скупи. Името Скупи (колиба, засолниште, стреа) првпат се јавува кај племето Пеонци. Скупи, исто така, значи и „населба на див народ“, бидејќи Дарданците биле алчни и сурови непријатели на Македонија и античкиот свет.

Според историските податоци, градот е формиран од Дарданците во третиот век пред нашата ера, а подоцна во 164 година пред нашата ера паѓа под власт на Римјаните и станува дел од провинцијата Мезија, дел од областа Дарданија.

Во времето на императорот Октавијан Август, од 13-та до 11-та година пред нашата ера, Скупи од логор на двете Македонски легии - 5-та Македонска и 4-та Скитска легија прераснал во град.

Подоцна во 84-та или 85 година императорот Домицијан основал колонија Флавија Скупи, град со римски самоуправни права кој бил најголем на просторот од Солун на југ до Дунав на север. Во тоа време Скопје доживува голем развој и станува град со свој бискуп.

Градот е разурнат во катастрофалниот земјотрес на 28 април 518 година. По земјотресот Скупи веќе не се спомнува, а скопската котлина добива нов град со името Јустинијана Прима.

По доаѓањето на Словените во шестиот век градот е завземен од племето брсјаци и го добива името Скопје. За време на владеењето на првиот македонски цар Самоил, Скопје станува дел од Самоиловото царство.

Во подоцнешниот период градот потпаѓа под власт на Византија, Бугарија и Србија, а на 19 јануари 1392 градот го зазеле Турците и го добил името Ускуп.

Во 1555 година градот повторно е разурнат од катастрофален земјотрес, но набргу е обновен и станува турско воено упориште.

Во 16-от и 17 век Скопје е најголем и најбогат град во европскиот дел на Османлиската империја. На 25 и 26 октомври 1689 година градот го освоил Австро-унгарскиот генерал Силвио Пиколомини, кој подоцна го запалил Скопје поради епидемија на чума и за да не им остави ништо на непријателите. Градот горел цели два дена и бил скоро целосно уништен.

Во 19 век Скопје станува важен сообраќаен центар и во него цвета занаетчиството. На 25 октомври 1912 година по 520-годишно владеење Османлиите го напуштаат Скопје, а веќе наредниот ден влегува Моравската дивизија на српската војска со што градот потпаѓа под српска окупација.

За време на Првата светска војна Скопје се наоѓа под окупација на бугарските и на австро-унгарските сили, а по завршување на војната стана дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Во Втората светска војна Скопје повторно е окупирано од Бугарија, сојузник на нацистичка Германија. На 22 април 1941 година бугарската Петта армија го окупира Скопје и останува во градот се до капитулацијата на фашистичка Бугарија на 9 септември 1944.

По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 ноември 1944 година градот бргу се развива и станува индустриски, културен и административен центар на Социјалистичка Република Македонија, која е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути Скопје доживува трето разорување од катастрофален земјотрес. Градот е скоро целосно разурнат од земјотресот со јачина од 9 степени според Меркалиевата скала.

Во земјотресот загинаа 1.070 луѓе, а околу 2.900 беа повредени. Над 80% од преживеаното население остана без покрив над глава. Веста за земјотресот што го зафати Скопје брзо се рашири низ целиот свет и помош почна да пристигнува од сите страни.

Првата помош дојде од припадниците на војската на тогашна Југославија, а подоцна пристигнаа експерти и лекарски екипи од голем број земји во светот. Со помош од 87 држави од светот Скопје повторно се изгради и затоа градот го носи епитетот „Град на солидарноста“.