На традиционалната изложба на предмети ископани на археолошките локалитети низ Македонија, изложени се експонати изработени од злато, сребро, бронза, од керамика, килибар..., а потекнуваат уште од 4 000 година пр.н.е.


Традиционалната изложба на артефакти ископани на археолошките локалитети низ Македонија, во текот на оваа година, беше отворена вчера, во Музејот на Македонија.
- Речиси 10 000 од вкупно пронајдени над 100 000 артефакти оваа година се изложени во Музејот. Предметите датираат уште од 4 000 година пр.н.е. Ова археолошко богатство понатаму ќе биде дел од Археолошкиот музеј што сега се гради во Скопје, рече на отворањето премиерот Никола Груевски, потенцирајќи ја и туристичката вредност на пронајденото и изложеното богатство.

И министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, ја прикажа археологијата и преку бројки:
- Во 2007 година презентиравме над 1 400 артефакти од Скопското кале. Во 2008 година - над 4 000, а денеска сведоци сме на околу 9 800 артефакти пронајдени низ целата држава, рече Канческа-Милевска.

Значајните археолошки експонати се изработени од злато, сребро, бронза, од керамика, килибар и други материјали.
- Тие се составен дел од материјалната култура низ периодите во кои растела македонската држава, и се сведоштво за богатата културна и историска традиција на нашата земја, со која ги надградуваме општоцивилизациските и културните вредности, додаде министерката за култура.
За 2009 година буџетот за овие активности беше 180 милиони денари, а најавена е слична динамика и за 2010 година.

(Де.Т.) Вечер
ФОТО: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ