Скопје, 18 ноември (МИА) - Замрена е ликовната дејност во земјава. Долгогодишната стагнација и проблемите во оваа сфера на културата го достигна врвот. Освен во Скопје и во неколку поголеми градови, во земјава не се отвораат изложби. Ако се реализира некоја ликовна поставка, речиси и да нема посетеност, објави „Дневник“.
 
- Луѓето ја загубија навиката да одат на изложби - коментираат граѓаните.
 
Ваква е сликата на ликовната дејност дури и во Охрид, културната и духовна престолнина на Македонија. Годишно едвај се отвораат десетина изложби. Таква беше ситуацијата дури и летово додека траеше најголемиот фестивал во земјава, Охридско лето. Ако е ваква состојбата во Охрид, велат експертите, воопшто не треба да се прашува каква е состојбата во помалите градови како Пробиштип, Делчево или Виница.
 
Упатените велат дека проблемот е многу комплексен. Ако има добра изложба, нема соодветен простор каде да се постави. Ако има соодветен простор, нема посетеност.
 
Привршуваат археолошките истражувања, но и конзерваторско - реставраторските зафати на Скопската тврдина. Во завршна фаза се работите на југозападниот бедем на Горниот град каде што интензивно се работи на последната кружна кула, а до крајот на годината на овој локалитет во центарот на градот археолозите ќе ги истражуваат најстарите праисториски слоеви, пишува „Утрински весник“.

Како што информира директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, импресивниот Киклопски ѕид кој е граден од големи камени блокови ќе се конзервира и ќе се реставрира идната година, за што постои и проект за реализација вреден околу 4 и пол милиони евра.
 
- Со нетрпение чекам да започне неговата конзервација и реставрација и на она што го откривме во продолжение. Киклопскиот ѕид бил срушен и сега се гледа дека се протегал до јужната кула на југозападниот бедем. Југозападниот бедем што сега се завршува со конзервацијата, на многу места не се ни гледаше, а сега се гледа целиот, бидејќи имавме „ин ситу“ сведоци за завршницата и за неговите фази.
 
Ако Владата даде зелено светло, во иднина ќе се доделува титула национален уметник. Со оваа новина, во рамките на предлог-законот на Министерството за култура, кој веќе е доставен до Владата, за врвните и заслужни македонски уметници повеќе ќе нема зима. Оној што ќе ја добие титулата национален уметник, пак, ќе биде „обезбеден" од Буџетот на РМ, покрај тоа што ќе добие и еднократен надомест од државата во висина од две годишни просечни плати, објави „Вечер“.

- Се работи за највисоко признание од областа на културата која ќе биде доделена на уметници кои дале врвен придонес во градењето и унапредувањето на културата во државата. Иако титулата ќе ја додели Владата, таа ќе биде предложена од ресорното министерство по претходно мислење од комисија, вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Инаку, носителот на титулата национален уметник, кој остварил право на пензија ќе добива месечен паричен надомест во висина на разликата меѓу неговата пензија и 70 отсто од највисоката пензија во Македонија.
 
По повод 135 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков,  НУБ „Св. Климент Охридски“ издаде персонална библиографија за овој национален идеолог, славист, фолклорист и публицист, објави „Нова Македонија“.
 
Библиографијата „Крсте Петков Мисирков“ содржи над шестотини референци за монографски публикации и статии во зборници и списанија од Мисирков и за Мисирков, со што сите идни проучувачи на делата на овој автор, на едно место ќе можат да најдат информации за досега објавените истражувања и студии.
 
Библиографијата ја изработи библиографскиот центар при НУБ според највисоките меѓународни стандарди за библиографски опис. хс/ 9:02