Монасите, верниците и доброволците од сите краишта на државата, од утро до мрак, со голема љубов и желба работат и даваат се' од себе што побрзо да го вратат стариот лик на Бигорски

 

„Св. ЈОВАН БИГОРСКИ“ - „Тагата во моето срце е огромна. Но, не смеам да очајувам, бидејќи кај нас христијаните тагата е воскресување. Знаеме ако не беше Велипеток - распетието Христово, немаше да дојде Велигден - Христовото воскресение. Господ ни испрати денови на искушение. А, сега почна и воскреснувањето со изградбата“, со оптимизам го почнува разговорот отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир и во истиот дух продолжува: „И ние од пепелот ќе се подигнеме како птицата феникс. Старата птица феникс отиде во своето сокровиште, за повторно да се издигне, да биде поубава и млада. Така ќе биде и со убавицата наречена ’Горни палат‘“.

Просторот каде што се издигнуваа високите отворени чардаци, со прекрасната архитектура, големата машка трпезарија, кај магерницата, од каде што на 30 септември избувна пожарот во Бигорскиот манастир и до темел ги изгоре старите манастирски конаци, е расчистен. Со ненамалено темпо продолжува изнесувањето на шутот од подрумот под галеријата за икони и под машката трпезарија. Кубици шут, пепел, пеплосани греди, искршени камени плочи, железо и друг отпад создаден од изгорениот инвентар. Се работи и на поставувањето скелиња на ѕидовите, со најлон се покриваат ѕидовите за да се заштитат од врнежи на дожд и снег. Монасите и верниците и доброволците од сите краишта на државата, од утро до мрак, со голема љубов и желба работат, даваат се' од себе што побрзо да го вратат стариот лик на Бигорски. „Се' што е вредно од ѕидовите ќе зачуваме, старото ќе се интегрира со новото“, објаснува отец Партениј. Статичарите ќе направат детаљна анализа на се' што е останато од пожарот и, според нивните наоди, ќе се изработи проектот за обновување на старите манастирски конаци на ’Горни палат‘ на Бигорскиот манастир. Се планира да се постави времен покрив над машката трпезарија, да биде под суво и стручњаците да можат да ги прават анализите во попријатни услови за работа, а наедно и да почнат работите на возобновувањето на машката трпезарија, галеријата на икони и на другите простории во овој дел од манастирскиот комплекс. На местото на изгорените дрвени греди ќе бидат поставени нови, како и нови надвратници, а потоа ќе се постави армирана бетонска плоча. Зимскиот период ќе се користи за подготовка на просторот и за изработка на планови, а напролет интензивно ќе почнат работите на обновувањето на пеплосаните манастриски конаци.

„Нема да отстапиме од ниту едно клинче, ќе се возобнови така како што беа старите конаци, со високите чардаци, со препознатливата мијачка архитектура, со сите простории и содржини што го сочинуваа ’Горни палат‘, што беше прекрасна убавица, а со возобновувањето ќе биде само поцврста и ќе изгледа така како што ја изградиле мијачките мајстори пред околу 200 години. Нема да има никакви отстапувања, само ќе се гради со цврст материјал“, категоричен е игуменот на манастирот.

„Донациите не се доволни. Но, народот е заинтересиран и сака да помогне. Отец Партениј апелира до сите да продолжат со донациите, бидејќи се потребни многу повеќе средства. Верниците доаѓаат и помагаат и празничниот викенд многумина работно го минаа во манастирот. „Првите сознанија од истрагата, со што сме во постојан контакт, говорат дека пожарот е несреќен случај. Не станува збор за никаква диверзија, ниту, пак, дека некој подметнал пожар и се поиграл со ова древно македонско светилиште. Бравите ги пронајдовме здрави, неоштетени, а и другите материјали што се земени за вештачење го потврдуваат сознанието дека електричната инсталација е причина за пожарот. Категорично ги отфрлам шпекулациите во некои медиуми дека гостите во манастирот, млади лица -поранешни зависници, се можни сторители на пожарот. Токму тие, заедно со монасите, го жртвуваа животот за да ги спасат иконите од галеријата. Тие се најголемите пријатели на манастирот. И оние кои се излекуваа, кои работат во фирми, земаат слободни денови и доаѓаат да помагаат во расчистувањето на отпадоците“, вели отец Партениј.

Во помошта се вклучија и повеќе компании. „ЕВН Македонија“ како донација постави нов електричен орман и го замени доводот на електричната енергија од трафостаницата до манастирот.

Отец Партениј објаснува дека пред да настане пожарот во манастирот бил изработен комплетен проект за замена на целата електрична инсталација во старите манастирски конаци и во манастирската црква „Св. Јован Крстител“. Но, поради немање парични средства не успеале да го реализираат овој проект. „Ако ја заменевме електричната инсталација ќе беше избегната катастрофата. Но, во приоритетните задачи на возобнувањето на манастирските конаци е замената на севкупната електрична инсталација на црквата ’Св. Јован Крстител‘ во која се наоѓа иконостасот со вредни икони, владичкиот трон и иконата на св. Јован од 1020 година, откога датира ова светилиште“, вели отец Партениј.

Бигорскиот манастир отсекогаш бил и останува отворена куќа за сите вери и нации. Бигорски низ историјата ја има вистинската христијанска улога, да се сакаат сите луѓе без разлика на нивната верска припадност, раса и било каква друга определба. „Евангелиските традиции продолжуваат исто како што правеле монасите низ вековите, а ние само ја продолжуваме традицијата“, вели отец Партениј. Токму затоа Бигорскиот манастир е сакан и почитуван од сите граѓани на Македонија.

 Киро Кипроски- Утрински весник