РАБОТОДАВАЧИТЕ ОД ВАШИОТ ПРОФИЛ СОЗДАВААТ СЛИКА ЗА ВАС


Внимавајте какви слики ставате на Фејсбук!

 

Пред да вработат некого, германските работодавачи се почесто бараат доверливи информации за тие коишто се пријавуваат за работното место, посегнуваат по пребарувачите на интернет, во разгледување на страниците.
Според најновото истражување, дури 28 отсто од испитаните фирми, редовно се служат со информации за лицата кои им ги нуди интернетот, а половината од нив признаваат дека "истрагата" ја почнуваат пред првиот разговор.
Со самото тоа стравот кај тие што имаат сопствен профил на интернет на Фејсбук и на него поставиле некои приватни пикантни фотографии, во секој случај е оправдан.
Според ова истражување, во барањето на информациите кои по правило се наоѓаат во молбите за работа, на работодавачите најчесто им служи токму Фејсбук и студентските мрежи како што е германската Студи ВЗ.
За разлика од фотографиите од излегувања или разни концерти, на кои работодавачот по правило гледа негативно, извештаите или информациите за социјалниот ангажман или описот на хобито, на тој што се пријавува за некое работно место, на околу 62 отсто шефови остава позитивен впечаток. Она што исто така може да собере негативни "поени" е доколку некој јавно, значи на интернет, негативно ќе се изрази за своето некогашно работно место.
Според најновите студии, дури 76 отсто работодавачи изјавиле дека пишувањето на негативни детали за минатото работно место, за колегите како и за работната атмосфера, лицето го прикажува во негативно светло.
Германската министерка за заштита на потрошувачите Илсе Ајгнер поради тоа предупредува на внимателност кога се работи за објавување на лични информации на страниците на интернет.
"Несериозното и наивното пишување за приватни или интимни детали на интернет може сериозно да загрози нечија кариера", изјави Агнер.
Сојузниот директор за заштита на податоците Петер Шар во иста смисла ги предупреди граѓаните на внимателност, но и додаде дека "секој кој на интернет ќе објави нешто за себе, мора да смета на тоа дека други луѓе ќе го пронајдат и прочитаат". Шар потенцира дека освен работодавачите, информациите кои слободно кружат низ разни мрежи се повеќе служат и на агентите на разни осигурителни друштва и издавачи на станови.
Но, од друга страна, иако резултатите од ова истражување можат да бидат застрашувачки, тие покажуваат и нешто позитивно. Имено, 36 отсто компании тврдат дека при барањето за поконкретни и посигурни информации за евентуално идниот вработен работник, никогаш не би се потпреле на информациите кои им ги нуди интернетот, бидејќи како што велат "никогаш не се знае всушност кој и зошто некои податоци ги ставил на интернет".

Извор: Вечер