Скопје, 5 август (МИА) - Управата за заштита на културното наследство денеска го промовираше првиот број на електронското месечно списание „Македонски археолошки весник“, кое во соработка со  Институтот за општествени и хуманистички истражувања Евро-Балкан го објавува на веб-страницата www.mav.mk.

Првиот број на списанието e достапен од 2 август и веќе има над 500 посетители. Содржи  текстови и ексклузивни фотографии за најновто археолошко откритие од  Горна Порта во Охрид, наоди од Исар Марвинци, Стоби и од археолошките локалитети Билазора, Хераклеја Линкестис и Скопската тврдина. На интернет-страницата има и архива каде што ќе се собираат вестите и линкови со релевантни институции од областа на културата.

Директорот на Управата Паско Кузман на презентацијата соопшти дека Македонскиот археолошки весник еднаш месечно ќе ги презентира, афирмира и промовира карактеристиките на позначајните наоди откриени на различни археолошки локалитети. Покрај тоа што ќе информира за резултатите од археолошките истражувања кои се преземаат на територијата на Македонија, списанието ќе има и мисија да ја приближи македонската археолошка наука до меѓународната стручна и поширока јавност.

Уредничката на весникот Елизабета Димитрова истакна дека покрај информартивен карактер, изданието е и значајна референца за размена на информации со колеги-соработници од другите земји. - Со корисници во сите домени на хуманистичките дициплини и пошироко и интеракција на сите заинтересирани страни за промоција на археолошкото наследство на Македонија, кое е фундаментален елемент на историскиот и културниот идентитет, рече Димитрова.

Текстовите во првиот број се објавени и на англиски јазик, а за наредните броеви се планира и превод на германски, француски и на италијански јазик. Автори се археолозите-истражувачи, кои ќе ги доставуваат до седумчлената редакција на весникот. 

Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ информираше дека интерес за истражување на македонските локалитети има од археолози од Франција и дека е договорено со рускиот министер за култура напролет во Македонија да истражуваат и стотина археолози од Русија.

Управата за заштита на културното наследство денеска го претстави и првото издание на Македонскиот археолошки преглед - извештај за археолошките истражувања во 2005-та - годината кога е формирана установата. Публикацијата е  објавена на македонски и на англиски јазик. Управата планира годинава да ги објави и извештаите за 2006, 2007 и 2008, а догодина и извештајот за археолошките истражувања во 2009 година.

 - На секое археолошко истражување се ископуваат од 30.000 до 50.000 движни предмети. Сите тие треба да се документираат, а потоа следува конзервацијата и заштитата и дури потоа може наодите да се презентираат во витрини и во научни публикации, истакна директорот на Управата Паско Кузман. хс/ 12:33