Elizabet.Press.jpg

Скопје, 30 јули (МИА) - Министерството за култура ги реализира капиталните инвестиции по утврдената динамика, а за најавениот ребаланс на буџетот ќе се подготови со добра распредела на средствата со кои располага.

- Бидејќи, сепак, е рецесија и кризна година, ќе се потрудиме максимално да намалиме вишок на средства за сите проекти, а веројатно ќе има и анекси на договори со националните институтуции за намалување на програмата и може дел од проектите нема да се реализираат до крајот на годинава, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција.

Таа нагласи дека културата во функција на општиот развој на државата и создавање услови за рамномерен културен развој, достапноста на културните вредности за сите граѓани, заживување на културата на локално ниво и рамноправниот пристап и финансиска поддршка кон сите дејности се  главни приоритети.

Во август и септември се очекуваат неколку проекти. Идниот месец  во дебарското село Коџаџик ќе биде поставен камен-темелник за реконструкција на  куќата на родителите на Кемал Ататурк, творецот на модерна Турција. До 10 септември во Скопје ќе бидат поставени  планираните скулптури, освен две („Порта“ и  „Три врби“ во Вардар). Во септември ќе биде промовирано депото за филмски материјал во дел од Хавзи-пашините конаци во скопско Бардовци, целосно ќе биде реконструирана библиотеката во Битола и ќе заврши реконструкцијата на Куќата на Уранија во Охрид, која потоа  ќе и биде предадена  на МАНУ.

Во отчетот за сработеното во изминатата година, Канческа-Милевска ги наброја завршените капитални проекти - Спомен-домот на Мајка Тереза, отворен во јануари, за кој рече дека има по 500 посетители дневно,  и Музејот на вода кај Градиште во Охрид каде што доаѓаат и по илјада луѓе на ден. Посочи на новиот простор од 3.300 метри квадратни во НУБ „Св. Климент Охридски“, преводот на 130-те тома македонска книжевност  на неколку јазици и објавувањето на 40 од планираните 104 наслови во проектот „Нобеловци“. Меѓу готовите и веќе промовирани проекти таа ги спомна и осветлувањето на Камениот мост и автоматизацијата на сите локални и национални  библиотеки, кои сега се во фаза на дигитализација.

До септември до Владата ќе бидат доставени и  предлозите за измени на Законот за култура и на Законот за заштита на авторските права, а подготвената програма за ревитализација на Старата скопска чаршија ќе им биде доставена за мислење на институциите.

Од приоритетите кои се уште не се завршени, а на кои Министерството интензивно работи се изградбата на Скопскиот театар и музејскиот комплекс на левиот брег на Вардар. Претстои ентериерно уредување. За Музејот стиганале 30 восочни фигури, се работат историските портрети, а ќе се прави и калеидоскоп за проекции на филмови од Кинотеката. Денеска се поставува првата темелна плоча во изградбата на концертната сала на Филхармонијата, а до крајот на годинава треба да биде готова карабината на новиот објект на Велешкиот театар, проектите за Турскиот театар и за реконструкција на Универзалната сала. Се реконструираат и 24 домови и центри на културата, кои за многу градови се единствен простор за културни манифестации.

Гостувањето на оркестарот на театарот Бољшој, доаѓањето на  Азнавур и  Мориконе ја одбележаа „живата култура“, а во областа на културното наследство продолжуваат истражувањата на археолошките локалитети. Во меѓувреме се документира ископаниот материјал, а богатите наоди ќе бидат презентирани на голема изложба на крајот на 2009-та. Во заедничка акција со Министерството за внатрешни работи откриени се 15 случаи на криумчарење културно наследство и се запленети голем број археолошки предмети.

Со Хрватска, Украина, Кина, Црна Гора, Русија, Полска, Србија и со Турција се потпишани програми за културна соработка, а претстои и програма за соработка со Чешка, која е усогласена, а ќе биде потпишана идниот месец кога Македонија ќе ја посети чешкиот министер за култура. Македонската култура во измината година беше комплексно претставена во САД и во Чешка, како и со посебна програма на чествувањето на Св. Кирил во Рим. Од 3 до 12 септември во Македонија ќе се  одржува Биенале на млади умтници од Европа и Медитеранот со над 700 учесници, а од 6-ти до 8 мај 2010 година земјава ќе биде домаќин на втората религиска конференција. хс/са/14:18