ВО ЧАШКА ПРИ СЕЧЕЊЕ НА ДРВО


Се појави ликот на Богородица


Жителите од Чашка се изненадени од несекојдневен настан. При сечење на повеќе стари дрва во дворот на училиштетот "Тодор Јанев", во близина на црквата "Свети Климент Охридски", од безбедносни причини, на едно од нив се појавил лик кој многу личи на ликот на мајката божја Света Богородица, која во своите раце го држи Исус Христос.

Веста брзо беше пренесена меѓу жителите од Чашка и од околните села кои веднаш дојдоа да го видат овој несекојдневен настан. Тие од вчера постојано се околу пресеченото дрво и ликот на Света Богородица, палејќи свеќи и оставајќи пари. Велат дека појавувањето на ликот на мајката божја бил добар знак не само за општината Чашка, туку и за Македонија.

"Три дена луѓето што ги сечеа дрвјата не можеа да го пресечат токму ова на кое се појави ликот на Богородица. Пилите им се заглавуваа, а имаше и невреме. Сепак тие со мака го пресекоа дрвото. Го оставиле и си заминале. Доцна вечерта, виделе како од самото дрво избила силна светлина, а потоа се појавил и ликот на Богородица", вели еден жител од Чашка.

Градоначалникот Горан Панов изјави дека појавувањето на ликот на Богородица е добар знак и дека во наредниот период ќе им биде заштитник. Дрвото и местото околу него ќе биде уредено и заштитено.

(С.А.) -Вечер

Фото: Утрински весник