ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ

Современото ропство бара глобален одговор

 честитам на Македонија за борбата со трговијата со луѓе и ја охрабрувам да ги одржи и да ги зајакне напорите за спречување и казнување на овој страшен криминал

„Младата Албанка Виола имаше 13 години кога почна да се забавува со Дилин, кој имаше 21 година и кој и' предложи брак. Тие се преселија во Италија каде што Дилин рече дека има роднини кои можат да му најдат работа. Штом пристигна во Италија, животот на Виола засекогаш се смени. Дилин ја остави Виола заклучена во хотелска соба и никогаш повеќе не ја виде. Во хотелската соба влезе група мажи, почнаа да ја тепаат, а потоа секој од нив ја силуваше. Нивниот водач и' кажа дека Дилин им ја продал, дека сега таа треба да го слуша водачот, или во спротивно, ќе биде убиена. Седум дена Виола беше постојано тепана и силувана. Потоа беше продадена по вторпат на некој кој толку силно ја удирал по главата што два дена воопшто не можела да гледа. и' беше речено дека ако не работи како проститутка, нејзината мајка и сестра во Албанија ќе бидат силувани и убиени. Виола мораше да работи како проститутка, се' додека полицијата не изврши рација во борделот во кој ја држеа. Таа беше депортирана во Албанија“.

Ова е само еден од милионите примери за современото ропство, ужасниот криминал на трговија со луѓе. Оваа недела, државната секретарка Хилари Клинтон го објави деветтиот Годишен извештај на Стејт департментот за трговија со луѓе. Извештајот, кој вклучува 175 земји, е најсеопфатен светски извештај за напорите на владите во борбата против тешките форми на трговија со луѓе. Наодите во извештајот имаат цел да ја подигнат глобалната свест и да ги натераат земјите да преземат ефикасни мерки во справувањето со трговијата со луѓе. Во процената се опфатени 173 земји - вклучувајќи ги и Соединетите Држави - за кои е утврдено дека има тешки форми на трговија со луѓе, како и уште две земји, кои се посочени како специјални случаи. Извештајот, исто така, вклучува рангирање на земјите, кое се базира на напорите на земјата да ги исполни минимум стандардите поставени во Протоколот за превенција, ограничување и казнување на трговијата со луѓе, надополнувајќи ја Конвенцијата на ОН против транснационалниот организиран криминал (позната како „Протокол од Палермо“) и Указот од САД за заштита на жртвите од трговија со луѓе. Целиот текст од Извештајот и фотографии поврзани со трговијата со луѓе можат да се видат на интернет-страницата на Стејт департментот http://www.state.gov/g/tip.

Извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе, објавен во 2009, посочува дека според истражувањето спроведено од страна на Меѓународната организација за труд, најмалку 12,3 милиони луѓе во светот се жртви на трговија со луѓе. Ова вклучува како трговија во границите на една земја, така и преку нејзините граници. Најмногу преовладуваат формите на трговија поврзани со принудна работа, а 56 проценти од сите жртви се од женската популација. Жртвите на трговија со луѓе можат да биде подложени на експлоатација на трудот, или на сексуална експлоатација, или на обете.Криминалот на трговија со луѓе влијае врз сите нас, вклучувајќи ги Соединетите Држави. Тоа ги лишува луѓето од нивните најосновни човечки права и слободи, претставува ризик за јавното здравство, и претставува главен извор на нелегален приход за организираниот криминал. Тоа е проблем што никој од нас во светската заедница не може да го игнорира. Затоа ние сме горди што сме партнери со меѓународни организации, со НВО и со други влади, вклучувајќи ја и Република Македонија, во борбата против трговијата со луѓе.

Во 2008, Владата на САД потроши околу 76 милиони за фининсирање на 140 проекти во околу 70 земји, како поддршка на напорите на странските влади и НВО во борбата против трговијата со луѓе. Од 2001, Владата на САД финансираше повеќе од 604 милиони за проекти насочени против трговијата со луѓе низ целиот свет. Исто така, напорите на Владата на САД за промовирање на владеењето на правото и економските реформи во многу земји помогнаа да се намалат условите кои ја олеснуваат трговијата.

Втора година по ред, Македонија се наоѓа на највисоката скала во Извештајот за трговија со луѓе. Највисоката скала е највисокото рангирање кое една земја може да го добие, и покажува дека Македонија целосно ги исполнува минимум стандардите во борбата против трговијата со луѓе, претставени во Протоколот од Палермо и наведени во Указот од САД за заштита на жртвите од трговијата со луѓе. и' честитам на Македонија за ова постигнување, како и на нашите пријатели овде, за нивната континуирана решителност во борбата против трговијата со луѓе, на домашно и на регионално ниво.

Исто така, ја охрабрувам Македонија да ги одржи и да ги зајакне напорите за спречување и казнување на овој страшен криминал. Како што земјите ги зголемуваат своите напори за елиминирање на трговијата со луѓе во своите граници, криминалните групи често, како одговор, ги менуваат своите методи. Тие наоѓаат нови, и понекогаш посурови методи за да ги скријат своите жртви од јавноста. Иако Македонија има направено значајни напори во борбата против трговијата со луѓе, ја охрабрувам Владата да продолжи да ги зајакнува своите капацитети за истражување и искоренување на овие криминални групи, кривично да ги гони сторителите до највисок можен степен во согласност со законот, и да ја отежни што е можно повеќе заработката преку експлоатација на други луѓе. Македонија може да стори уште повеќе во третманот на жртвите со достоинство, почит и сочувство, на кое секој има право. Соединетите Држави се заедно со Македонија во оваа борба, и ние ќе продолжиме да помагаме на секој можен начин. Ова е глобален проблем кој бара усогласени меѓународни напори.

Филип Рикер (авторот е Амбасадор на САД)

Извор: Дневник