Прага, 18 мај (МИА) - Во рамки на Деновите на македонската култура во Прага ќе имате можност да ја зпознаете Република Македонија и одблиску, да ѕирнете во душата на земјата во која секој чекор е историја, богатство од духовна енергија. Во текот на оваа недела публиката ќе има можност да открие делови од неодоливите репрезенти на македонската култура кои со право се дел и од иднината на светската културна мапа.

Ова, како што јави известувачот на МИА, вечерва во концeртната сала во Народниот дом во Прага го истакна министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска отворајќи ги Деновите на македонската култура во чешката престолнина.
 
Таа посочи дека чешкиот народ, но и европската јавност ќе имаат прекрасна можност да се запознаат со актуелната длабочина и суштината на македонската култура, со репрезентативното македонско музичко, уметничко, историско и културно творештво, чиј силен белег, како што рече, векува неприкосновено отсликувајќи ги балканските уметнички подвизи.
 
-Ретки се градовите кои блескаат со својата историска урбана архитектоника и спомениците на времето, како и луѓето кои остануваат неизбришливи печати во средноевропската историја како најрепрезентативен пример за оваа синтеза. За Република Македонија овие настани се можност да и се заблагодариме на Чешката Република за поддршката што ни ја дава кон интегрирањето на нашата земја во европското семејство, како и одлична шанса за продлабочување на нашето искрено пријателство, истакна министерката Канческа-Милевска вечерв во Прага.
 
Нејзиниот колег Вацлав Риеделваух поздравувајќи ја публиката рече дека манифестацијата е можност чешкиот народ да ја спознае македонската култура. - Прага е преполна со уметност и култура и да се донесе нешто ново не е едноставна работа. Но и Прага треба да ја запознае македонската култура далеку поподробно, истакна министерот .
 
Македонскиот и чешкиот минисетр утре ќе потпишат протокол за соработка во областа на културата меѓу двете земји.
 
Деновите на македонската култура беа отворени со настапот на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија и на Ансамблот на народни песни и ора „Санде Стојчевски“. Народнито дом се наоѓа во престижниот прашки кварт Винохради кој има вековна културна традиција, а таму се наоѓа и познатиот театар во кој в недела македонскиот балет ќе ја затвори манифестацијата со мото „Под македонското сонце“.
 
На отворањето на Деновите на македонската култура вечерва присуствуваа министри во чешката Влада, десетина амбсадори, меѓу кои на Германија, Данска, Русија и на земјите од Балканот, претставници на чешката бизнис заедница, како и од македонската дијаспора во Чешка. хс/скс/21:25