Дел од вероучителите кои останаа без работа по укинувањето на веронауката во училиштата најавуваат дека повторно ќе продолжат да предаваат верско учење, но сега во црквите. Еден од вероучителите, кој сакаше да остане анонимен, ни посочи дека пред да почне да предава во училиштата, бил вероучител во црква, а сега повторно и' се враќа на старата работа. Според него, тоа е единствено решение во овој вакуум-простор додека не се изнајде решение за враќање на веронауката во училиштата.

„Веронауката и сега се одржува во црквите. Дел од децата со кои се збогувавме ни ветија дека повторно ќе доаѓаат на часовите по веронаука што ќе ги организираме во црквите. Но, не верувам дека тоа ќе има толкав одѕив како што имаше во училиштата“, ни рече вероучителот, кој во изминатава учебна година предавал веронаука во неколку скопски училишта. Вероучителот тврди дека се' уште не им се раскинати договорите за работа, иако од директорите на училиштата им било соопштено повеќе да не доаѓаат на работа.

Портпаролот на Синодот на МПЦ, г. Тимотеј, ни изјави дека веронауката се реализирала и во црквите во исто време кога се учела и во основните училишта. Така што не е спорно, вели тој, ако таа продолжи да се реализира во црквите наместо во училиштата. „Сепак, веронауката во црквите се одвива според друг систем, иако и таму се учат основните познавања за верата“, потенцира г. Тимотеј.

Откако пред два дена Министерството за образование и наука излезе со став дека не се откажува од веронауката, засега нема најави за законски или уставни измени, за што се' погласно се зборува во

јавноста. (Ж.Х.З.) Утрински весник