Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски ја изгуби битката за Малиот ринг, што пред Уставниот суд ја поведе против Општина Центар

Изградбата на црквата на скопскиот централен плоштад може да почне, по вчерашната одлука на Уставниот суд да не поведе постапка за иницијативата на градоначалникот Трифун Костовски за оценка на законитоста на измените на ДУП за „Мал ринг“. Од Град Скопје не сакаат да ја коментираат одлуката на Уставниот суд додека не ја добијат написмено.

- Постапката за донесување на измените на детаљниот урбанистички план за „Мал ринг“ е законита. Одлуката на Советот на Општина Центар е во правна сила и може да се спроведува, односно изградбата на предвидените објекти може да почне - објаснуваат во Уставниот суд.Сепак, Судот се оградува:

- При носење на одлуката, Судот се задржа само на законитоста на постапката за носење на измените на ДУП. Судот не навлегуваше во содржината на измените, во објектите чија изградба се планира, бидејќи тоа не е негова надлежност. Градоначалникот Костовски иницираше постапка пред Уставниот суд за оценка на одлуката на општинскиот совет на Центар за измена на ДУП за централното градско подрачје „Мал ринг“, бидејќи при негово носење не било земено предвид негативното мислење на Градот. Во иницијативата тој навел дека градските власти констатирале дека измената на ДУП не е усогласена со Генералниот урбанистички план од 2002 година.

Уставните судии не мислат така.

- Во фаза на нацрт на измените, Општината Центар побарала мислење од Градот, што е законска обврска. Градот дал негативно мислење, но мислењето на Градот е сепак само мислење. Конечната одлука ја носи Советот на Општината. Освен тоа, мислењето било дадено само од претставници на градоначалникот на Скопје надлежни за урбанизам, а не и сите органи во Градот. Пред донесување на измените, Советот на Општината Центар обезбедил и согласност од надлежното Министерство за транспорт и врски - велат во Уставниот суд.

Со последните измени и дополнувања на „Малиот ринг“ се предвидува на градскиот плоштад, меѓу ресторанот „Дал мет фу“ и Стоковната куќа „Типо“ да се изгради црква, да се постават четири спомен-обележја на мостот „Гоце Делчев“ и изградба на два нови објекта за државни институции, кои треба да бидат лоцирани од двете страни на објектот на Македонската опера и балет. Се планира и изградба на Музејот на ВМРО, спроти старата автобуска станица, како и зграда за Архивот на Македонија до Комерцијална банка од левата страна на кејот. Предвидено е и зголемување на габаритот на Домот на АРМ, со можност за изградба на уште два ката. Зградата на Фондот за здравство ќе ја зголеми висината до 15 метри, а Трговскиот центар „Плаза“ ќе добие уште еден кат. Предвидени се споменици во Паркот на жената-борец, кај Домот на АРМ и на паркингот зад Собранието.

На калдрмисаната улица што води од поранешната меѓуградска автобуска станица до влезот во Старата скопската чаршија ќе никнат повеќе фонтани чии водоскоци ќе бидат осветлени во разни бои, со зелена површина меѓу нив и централен споменик. Под фонтаните е планирана изградба на подземен паркинг за 70 возила, како и подземна улица за потребите на Министерството за транспорт и врски. Во непосредна близина е планиран уште еден подземен паркинг за 130 возила. Со измените е проширена парцелата на црквата „Св. Димитрија“, бидејќи има потреба од крстилница и трпезарија. Подземните гаражи кај Трговскиот центар „Палома бјанка“, зад Собранието и под Паркот на жената-борец ќе се дополнат со уште едно ниво.

Скопскиот градоначалник Трифун Костовски беше против измените на ДУП „Мал ринг“, бидејќи според него, со донесувањето на измените на урбанистичкиот план за централното градско јадро се кршат уставни начела што се темелни вредности на уставниот поредок на Македонија - владеењето на правото, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Натали Н.Сотировска