Скопје, 16 јануари (МИА) - Пет од деветте досега наименувани амбасадори на македонската култура во светот денеска имаа прва работна средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска за да ги разгледаат можностите за соработка и за претставување домашни проекти во центрите каде што живеат и работат. 

Министерката Канческа-Милевска за медумите изјави дека е задоволна од амбасадорите, со оглед на, како што рече, нивните личности и досегашната работа во и надвор од државата и очекува плодна соработка и нивно максимално вклучување, иако се работи за почесна функција која тие со задоволство ја прифатиле.

- Разговараме за сите иницијативи, предлози и за можноста за поголема промоција на Република Македонија. Беа запознати со Годишната програма на Министерството за култура, со сите манифестации и денови на културата кои планираме да ги направиме надвор од Македонија и, секако, да придонесат во таа насока. Разговаравме за сите нивни предлози и за проблемите со кои се соочуваат зашто само на таков начин може да имаме добра соработка, изјави министерката Канческа-Мичевска, додавајќи дека вакви средби со амбасадорите на културата ќе има уште неколку во 2009-та, но оти комуникацијата со нив ќе биде постојана.

Пијанистката Елена Мисиркова, амбасадор на македонската култура во Австрија, посочи на реализираните проекти откако ја има титулата - концерт на Тони Китановски и ансамблот Черкези во Фолкс-театарот во Виена и првата меѓународна презентација на фестивалот Охридско лето во австриската престолнина.

- Се советуваме за проектите во 2009. Би сакале нашата соработка да добие поконкретни контури и намера ни е во понатамошните средби да постигнеме таква заедничка цел, рече Мисиркова. Според неа, Македонија во Австрија може да го понуди она што најмногу го има - својата автохтона култура. - Имаме конкретна програма во која се опфатени наши автори кои би се презентирале со свое творештво во Австрија, додаде таа.

Театарскиот режисер Иван Поповски, амбасадор на македонската култура во Русија, истакна дека нема многу можност да ги следи случувањата во Македонија, но оти   може да понуди проекти на театарски куќи и фестивали. - Доколку моето мислење и мојот вкус се совпадне со нивниот и тие посакаат да го побарам, само така може. Поинаку не, зашто поминаа  времињата кога можеше да се однесе нешто на пријателска основа, рече Поповски. Додаде дека амбасадорската титула не ја сфаќа „како чиновничка должност“ за планирање и организација. - Нешто со што можам и сакам да се занимавам е она  за што сум учел, рече тој, но додаде дека има идеи и оти се надева набргу да направи проект конкретно врзан со Македонија.

За амбасадорот на културата во Србија, авторот и шансониер Зафир Хаџиманов, најважна е добрата реализација. Според него, благодарение на востановената титула „и најмалното  катче на култура од Македонија ќе стигне во светот“. - На нас останува да одработиме нешто, додаде Хаџиманов.

Операскиот пејач Благоја Нацоски, кој пред два месеца е наименуван за амбасадор на културата во Италија, рече дека денешната средба е корисна за координација на идните активности. Музиката е негова област и затоа се надева оти таму може и најмногу да придонесе. - Моето искуство е, сепак, во класичната музика и најдобро знам да ги правам и организирам тие нешта, рече Нацоски.   

Пејачот Владо Јаневски, почесен амбасадор во Хрватска, изјави дека се уште истражуваат што значи амбасадорската функција за презентирањето на земјата. - Функцијата е нешто ново и затоа не може да профункционира на ист начин како другите функции во рамки на надворешните односи на Македонија во областа на културата. Треба да се координираме и да ги видиме специфочностите на земјите каде што сме амбасадори, што може да се направи и до каде може да се оди. За конкретни резултати треба да се почека реализацијата на програмата за 2009-та, а во 2010 ќе кажеме што сме направиле во оваа година, рече Јаневски.

 За дополнително вреднување и промовирање на културата на Република Македонија, Владата пред година и пол предложи дополнување на Законот за култура, со што е воведена можноста за доделување на почесната титула амбасадор на културата.  Титулата ја добиваат најистакнатите македонски уметници во различни видови творештво, кои се признати и афирмирани во земјава и во светот. Амбасадорите на културата немаат дипломатски статус и нивниот ангажаман е доброволен и без паричен надомест. Во годишните национални програми на Министерството за култура, амбасадорите може да конкурираат и со свои проекти за кои сметаат дека може да се реализираат во државата каде што престојуваат.

Првата амбасадорска титула беше доделена во јуни 2007 година на режисерот Милчо Манчевски за неговиот придонес за промоција на македонската култура во САД. Покрај Манчевски, Мисиркова, Поповски, Хаџиманов, Нацоски и Јаневски, амбасадори на културата на Македонија се и драмскиот писател Горан Стефановски  во Велика Британија, педагогот по пијано Снежана Пановска  во Малезија и режисерот Иво Трајков во Чешка.  Бројот на амбасадорите ќе се зголемува, а нивниот избор ќе зависи од условите опфатени со  Законот за култура. хс/са/14:34