Христовото раѓање, Божиk, еден од двата најголеми христијански празника сè уште се чествува во различни календарски термини. Разликите во празнувањето се должат на догматските несогласувања меѓу црквите и различните системи на мерење на времето. Католиците и дел од православните христијани што го прифатиле грегоријанскиот календар го слават Божиќ на 25 декември. Дел православни цркви, меѓу кои и Македонската, кои се водат според стариот јулијански календар, раѓањето Христово го одбележуваат на 7 јануари.

ОБИДИ ЗА ИЗЕДНАЧУВАЊЕ НА ДАТУМОТ

Досега постоеле обиди за усогласување на празнувањето на Божиќ, но разликите во датумите и понатаму остануваат.

Во времето на Отоманската Империја, цариградскиот патријарх Еремија го одбил предлогот на папата за прифаќање на грегоријанскиот календар и за усогласување на верските празници. Примената на грегоријанскиот календар во православните христијански цркви почнува во првите децении на 20 век, по инсистирање на вселенскиот патријарх Јоаким. Меѓутоа дел калуѓери на Света Гора, ерусалимската патријаршија, руската, српската и на Македонската православна црква и понатаму се водат според јулијанскиот календар, за разлика од Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија грегоријанскиот.

Стариот јулијански календар зад соларниот доцни еден ден и тоа на секои 128 години, што кај грегоријанскиот календар се случува на секои 3.300 години. И покрај укажувањата на математичарите дека ако продолжат да се применуваат и двата календара, дел православни верници во 2101 година Божиќ, наместо на 7-ми, ќе го слават на 8 декември.

СТАРИОТ ЈУЛИЈАНСКИ КАЛЕНДАР

Стариот јулијански календар датира од 46 година пр.н.е., кога римскиот император Гај Јулиј Цезар го ангажирал александрискиот астроном и математичар Сосиген да изработи нов попрецизен календар. Тогаш во Рим се воведува календар базиран на египетскиот, со 365 дена поделени во 12 месеци, наречен јулијански според Гај Јулиј Цезар. Во него секоја четврта година е престапна, а 366-от ден се додавал во февруари, кој тогаш бил последен месец во годината. Со новиот јулијански календар почетокот на новата годината, кој бил во март, е префрлен на 1 јануари.

Во 325 година од нашата ера на првиот Вселенски собор на тогаш единствената Христијанска црква во Никеја е одлучено да биде прифатен јулијанскиот календар и по него да се сметаат значајните датуми од историјата на христијаните. На соборот во Никеја учествувал и претставник на градот Скупи, своевремено голем регионален културен центар, врз чии ѕидини е изградено Скопје.

ВОВЕДУВАЊЕ НА ГРЕГОРИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР

Подоцна е утврдено дека годината според јулијанскиот календар е подолга за 11 минути и 14 секунди од природната соларна година, со што на секои 128 години се создава разлика од еден ден. Во 16 век разликата достигнала 10 дена, што предизвикувало проблеми во одредувањето на Велигден, другиот најголем христијански празник што секогаш се врзува за пролетната рамноденица и се празнува во првата недела по првата полна месечина.

Затоа папата Гргур 13 во 1582 година извршил ревизија на јулијанскиот календар, со што бил создаден грегоријанскиот календар, кој денес е општоприфатен во светот. Разликата во траењето меѓу грегоријанската и природната година е надмината со тоа што не е престапна секоја четврта година. Последните години од вековите што не се деливи со 400 без остаток, не се сметаат за престапни. На пример, 1900-та, за разлика од 2000 година, не е престапна, бидејќи не е делива со 400. Грегоријанскиот календар денес е главната временска ориентација по која најголем дел луѓе во светот го бележат времето и ги одбележуваат настаните.

Извор: Нова Македонија