БИТОЛА - „Исус Христос е вонземјанин. Црквата и религијата се измислени со цел луѓето да се држат под контрола. Во црква одам на Божик, Велигден, за свадба или за крштавка. Го оправдувам самоубиството. За верата најмногу дознавам од холивудски филмови“.

Ова се дел од фрапантните изјави на стотина битолски средношколци од прва и од трета година кои биле анкетирани на тема колку ја познаваат христијанската религија. Истражувањето е проект на Центарот за културна деконтаминација од Битола.

„Нивните предрасуди доаѓаат од она што како филмувана претстава за Исус Христос и религијата е присутна во холивудските филмови. Од друга страна, се традиционализмот и суеверието. Но, не од вистинскиот контакт со верата која е многу конкретна и квалитативно се разликува од сите претстави. Токму затоа резултатите за нас беа големо изненадување“, изјави Тоше Ивановски од Центарот за културна деконтаминација во Битола.

Младите од предавања на митрополитот Петар изворно можеа да се запознаат со христијанската религија. Средношколците како најголеми виновници за непознавањето на сопствената вера ги посочуваат родителите.

„Кај мене дома за религија не се разговара. Она што го знам е од баба ми. Но, тоа повеќе е суеверие отколку религија", вели Кристина К. ученичка во трета година во битолска гимназија.

Битолските средношколци се во дилема дали да се изучува веронаука во училиштата.

„Табуата се, всушност, отпор спрема верата или црквата. Најразлични форми на отпор секојдневно се присутни меѓу луѓето. Најчесто ги препознаваме како пороци“, објаснува митрополитот преспанско-пелагониски, господин Петар.

Центарот за културна деконтаминација има поддршка од Битолската епархија за организирање серија трибини на кои младите би можеле да се стекнат со вистинската слика за религијата.

„Ако ја познаваме верата на правилен начин, тогаш ќе знаеме како да се поставиме спрема оние работи кои се пласираат како високи начела на граѓанското општество. За евтаназијата, абортусот, хомосексуалните бракови, дрогата, проституцијата, дознаваме од модерните медиуми. Во исто време ќе се ослободиме од верувањата скриени во традиционализмот и суеверието кои даваат погрешна слика за она што е вера и живот“, смета Ивановски. (А.Б.)

Извор: Утрински весник