Македонската култура е отворена кон другите

Чикаго нестрпливо го очекува вечерашниот концерт на македонскиот пијанист Симон Трпчески
 
Симфонискиот центар во Чикаго е дело на архитектот Даниел Х. Брнхем, а зградата била завршена во 1914 година

Јадрото на културната традиција на Република Македонија лежи во нејзината отвореност кон другите култури. Меѓународната соработка е ориентирана кон промовирање на вредностите на нејзиното наследство, рече, меѓу другото, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера, од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. На тема „Култура и мирот“ дискутираа високи претставници од триесетина земји од светот.

МАКЕДОНИЈА КАКО ПРИМЕР

- И покрај големиот број предизвици, верувам дека Република Македонија може да биде одличен пример како да се одржат меѓукултурниот, меѓуетничкиот и меѓурелигискиот дијалог и како тие да се промовираат на национално ниво. Длабоко сум уверена дека наша обврска е да ги делиме искуствата и да учиме еден од друг. Овој мултилатерален собир е најдоброто место од кое треба да се прошири ова порака, порака за културата и мирот - рече Канческа-Милевска.Таа ги информира учесниците на Генералното собрание дека во минатата година Охрид беше домаќин на Светската конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите. Министерката за култура нагласи колку е важно што Република Македонија се приклучи кон Алијансата на цивилизациите.

- Само преку отворен и траен дијалог, втемелен врз почитувањето на различностите и вредностите на другите, може да се зачува мирот. Само така може да се реализираат заедничките задачи и да се следат највисоките идеали на современиот свет. Културната разноликост претставува богатство и предност, затоа што различните културни традиции имаат голем креативен и уметнички потенцијал. Тие се инструмент за мир и за заедничко разбирање и почит - рече Канческа-Милевска.

Таа потенцира дека остварувањето на културните права и еднаквоста на националните и етничките групи во секоја земја е гаранција за стабилност и одржлив развој на општеството. Затоа, информира таа, Република Македонија ја усвои значајната Конвенција за заштита и промоција на разноликоста на културните изразувања на УНЕСКО и со неколку активности ја одбележува 60-годишнината на Универзалната декларација за човековите права.

ПОЧНУВААТ ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

Овде, во неколку градови во САД се' е подготвено за почеток на големата манифестација. Чикаго нестрпливо го очекува вечерашниот концерт на македонскиот пијанист од светска класа Симон Трпчески. На големи плакати е најавен настапот на пијано-виртуозот со кој почнуваат Деновите на македонската култура во Соединетите Американски Држави. Во американските културни кругови владее голема заинтересираност за настапот на славниот македонски уметник. Тој ќе концертира со Чикашкиот симфониски оркестар, кој се смета за светска музичка сила. Концертот ќе го следи министерката за култура, а најавено е и присуство на премиерот Никола Груевски. Во рамките на Деновите на македонска култура во САД, ќе бидат организирани изложби на современи македонски сликари, фестивал на македонски филмови, концерти на Борис Трајанов и на Драган Даутовски. Македонската култура ќе биде претставена во три американски града: Чикаго, Њујорк и Вашингтон.

ИНФО-Три концерти на Симон Трпчески

Ова е прво големо организирано претставување на македонската култура во САД.Симон Трпчески ќе одржи три концерти со Симфонискиот оркестар на Чикаго. Со оркестарот ќе диригира маестро Лудовик Морло од Франција. Оркестарот е формиран кон крајот на 19 век.

Љилјана Грџо Дамовска Наш специјален известувач од Њујорк