СВЕТСКА АКАДЕМИЈА ЗА КАРПЕСТА УМЕТНОСТ ОБВИНУВА

МАНУ не овозможи врачување на златен медал


По четири години чекање, академик проф. д-р Блага Алексова почина, а медалот е вратен во архивата на САКУ


МАНУ не овозможи врачување на уникатен златен медал со дијамантски прстен во просториите на Академијата, на академик Блага Алексова за нејзините големи заслуги за афирмација и популаризација на карпестата уметност.

Вака обвинуваат од Светската академија за карпеста уметност од каде објаснуваат дека во меѓувреме, по четири години чекање, академик проф. д-р Блага Алексова починала, а медалот е вратен во архивата на САКУ.
- МАНУ беше информирана пред четири години дека на академик Алексова и е доделен златен медал и дека треба да и биде врачен во просториите на Академијата. Иако МАНУ вети дека писмено ќе ја информира САКУ за денот на врачувањето, со писмо од 18.2.2004 потпишано од секретарот Ташко Георгиевски, тоа не го стори ниту по цели четири години чекање, нешто што резултираше со повлекување на медалот од страна на САКУ. МАНУ уште еднаш покажа дека грчевито се брани од најсветото во Македонија, карпестата уметност, велат од Светската академија за карпеста уметност.

Академијата е формирана во 2002 година на Правниот факултет во Скопје, откако, како што велат од таму, МАНУ не дозволи да се користат нејзините простории за овој голем настан за македонската наука.

Тогашниот секретар на МАНУ, Ташко Георгиевски, ни изјави дека тој бил кратко време секретар и кога ја вршел функцијата пратил допис до САКУ, но не може да каже што се случило подоцна, бидејќи не бил веќе на таа функција.

Во дописот што МАНУ го пратил до САКУ се вели: "Ве известуваме дека медалот на акад. Блага Алексова ќе можете да и го врачите при промоцијата на изданието на МАНУ 'Старохристијанската археологија на Македонија'. За терминот на промоцијата дополнително ќе Ве известиме".

Инаку, Светската академија се формираше за време на одржувањето на Светскиот конгрес за карпеста уметност (14-21 јули 2002) финансиран од УНЕСКО, Владата на Македонија, Министерството за култура и Министерството за наука.

Дејан ТРАЈКОСКИ - Вечер
.