Срам, несрам, ќе не гледаат голи по аеродромите!


Ај, што скенерите ќе ги соблекувале патниците, туку оставале и "малку простор за фантазија"!?


На аеродромите во земјите на ЕУ, според предложените прописи кои ги подготви ЕК поради подобрување на безбедноста, до крајот на април 2010 година би требало да бидат воведени нови дигитални скенери кои патниците виртуелно "ќе ги соблекуваат до гола кожа", објави вчера лондонскиот весник "Телеграф". Станува збор за технологија што ќе се користи како примарно или секундарно средство за проверка дали патниците со себе носат забранети предмети или супстанци. Новите скенери, по влегувањето на патникот во посебна кабина, создаваат слика на голо тело и "оставаат малку простор за фантазија", по што голем број критичари сметаат дека со тоа се нарушува приватноста, тврдејќи дека новата технологија е "еднаква на виртуелно соблекување до гола кожа", наведува "Телеграф".

Оваа технологија е тестирана на британскиот аеродром "Хитроу", но тестирањето е прекинато бидејќи многу патници биле вознемирени поради исклучително верните црно-бели прикази на скенираните тела, пренесува МИА. И покрај тоа што новите скенери се поефикасни во пронаоѓање на скриените предмети во споредба со вообичаениот физички претрес, претседателот на невладината организација за заштита на човековите права "Стејтвоч", Тони Бањан стравува дека со нивно воведување Брисел можеби само слепо ги следи САД и ја прифаќа технологијата која луѓето "особено жените, старите лица и децата би ги изложила на такво срамно и понижувачко искуство". Меѓутоа, допрва треба да се утврди како овие скенери ќе влијаат на здравјето на патниците и на нивната приватност и како ќе се чуваат податоците и подоцна ќе се уништуваат, пишува британскиот весник.
Извор: Вечер