Во Битола ќе се гради дворец на Гаврил Радомир


Дворецот ќе биде поставен на место од кое се гледа како на дланка цела Пелагонија

Катедралната црква „Успение на Богородица“, во која во 1014 година бил крунисан македонскиот цар Гаврил Радомир, синот и престолонаследник на Самуил, како и неговата царска резиденција на Битолското кале ќе бидат повторно подигнати. Битолскиот градоначалник, Владимир Талески побара од археолозите и од конзерваторите на Заводот и музеј да изработат главен проект и вети дека дел од објектите кои на градот ќе му го вратат атрибутот градски ќе биде финансиран од Општината. Експертите посочуваат дека се работи за единствен објект од тоа време по својата квадратна основа со впишан крст и со централниот тип на градба, кои датираат од 13 век, а во Битола ги имало три века порано.

- Црквата била подигната уште во 10 век во чест на победата на Самуил над моќниот византиски император Василие. Ридот до скоро се викаше Кира Марица што значи господарка Марија. Во тоа време пошироко на Балканот, катедралните цркви се посветувале на Успението на Богородица - вели археологот Гордана Филиповска-Лазаровска. Во истата црква, која била епископско седиште на тогашната патријаршија, на 10 октомври 1014 година, месец дена по смртта на Самуил, за македонски цар бил крунисан неговиот син Гаврил. Од објектот денес се зачувани само темелите и делови од ѕидовите. Според остатоците се работи за градба поголема од црквата на Плаошник со димензии 23 на 19,5 метри. Објектот бил во рамките на средновековната населба, поставен на високо место од кое се гледа цела Пелагонија како на дланка. Во негова близина има остатоци од резиденцијата на царот. Надолу низ ридот се простирала цивилната населба, која зафаќала делови од сегашните градски населби на левата страна од реката Драгор со најголем број сончеви часови во Битола.

- На теренот има околен ѕид, утврден, направен од дрво, а под него ров ископан дури и до три метри како заштита. Се претпоставува дека тогашните дворци биле направени од дрво зашто кога Василие ја нападнал резиденцијата на Гаврил 1014 година историчарот Јован Скилица запишал дека успеале да ги запалат само дворците, но не да го освојат и градот - додава Филиповска-Лазаровска. Се' уште не се знае каде е гробот на македонскиот цар, за што археолозите сметаат дека се потребни се' опсежни истражувања.

- Сепак, на општинското знаме или на грбот слободно може да се постави круна затоа што ова некогаш бил царски град - вели Зоран Алтипармаков, виш конзерватор. И покрај ваквите сознанија, во изминатите години државата издвојувала малку средства за доистражување на Битолското кале. Сега за историското наследство кое може да стане културна атракција се заинтересира градоначалникот Талевски.Со децении се форсираше само еден дел од историјата на градот. Сега со главен проект ќе аплицираме до повеќе фондации, до Министерството за култура , а во првата фаза јас ќе бидам покровител. Се надевам дека за скоро време црквата и дворецот ќе ја добијат првобитната форма - вели Талевски.

За доистражување на средновековна Битола пари ќе донираат и повеќе стопанственици и фирми од градот.

Жанета Здравковска