ВО ЊУЈОРК

 

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска завчера одржа говор пред Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации во Њујорк, по повод завршувањето на претседавањето на Македонија со 62-то заседание на ООН.
 

- Погледнато низ призмата на културното наследство, РМ има длабоки корени. Таа претставува земја-музеј, земја на археолошки локалитети, цркви и манастири од почетоците на христијанството па се до 20 век, артефакти со висока историска и уметничка вредност, тврдини, чаршии, како и на стара архитектура со доволно зачувана вредност и убавина кои го одразуваат духот и уметноста и ги почитуваат и ги негуваат религиската и етничката толеранција, универзализмот и хуманизмот, рекла Канческа - Милевска, споменувајќи го и Охрид како град на УНЕСКО, еден од првите светски универзитети - Светиклиментовиот, македонските природни убавини и историски пејзажи, како и дека 2008 година е прогласена за година на македонскиот јазик.

По говорот, концерт одржал нашиот пијанист Симон Трпчески, а присутен бил и режисерот Милчо Манчевски.
(Де.Т.)