Автор:  Илија Димовски
 
Некаде во почетокот на претходниот мандат (2006-2008 година) во Собранието стигнаа дузина закони што ја обработуваа областа на образованието во Република Македонија. Толку голем број и од толкав обем што и тогаш отворија дилеми кај повеќето пратеници на опозициските партии во македонското собрание. Тие едноставно беа привикнати на покомотна, побавна и поопуштена работа во македонскиот парламент, базирано на искуствата од нивниот мандатен период. Но тоа не е најзначајно.

Во тој период донесовме закони со кои ја воведовме деветтолетката (успешен проект), го воспоставивме системот на задолжително средно образование (како што забележуваме во почетокот на првата учебна година, тој почнува успешно да се имплементира), воведовме поинтензивно изучување на не само еден странски јазик (и успешен и многу полезен проект), интензивирање на наставата по физичко воспитување (полезен проект), го основавме новиот универзитет „Гоце Делчев“ со седиште во Штип (исклучително успешен проект), формиравме факултети во повеќето градови низ Македонија (го доближивме образованието и до посиромашните слоеви), го интензивиравме изучувањето на информатичката технологија итн., итн. Овие се проекти што заживеаја и кои допрва ќе почнат да ги даваат своите резултати. Овие се проекти на кои и ние од ВМРО-ДПМНЕ сме исклучително горди. Овие се проекти на кои и јас лично сум премногу горд.

Но имаше еден проект што, за жал, предизвика најмногу реакции, забелешки и противења од страна на опозицијата и нејзините мегафони (неколку добро збогатени невладини организации, неколку новинари и слично). Тоа беше проектот за воведување верско образование (попознато како веронаука) во училиштата во Република Македонија. Попусто и напразно беа огромниот број аргументи и причини за донесувањето таков закон, кои се обидувавме да им ги презентираме на нашите колеги од опозицијата. За нив не беше значајно што само во Албанија и во Црна Гора од цела Европа нема вероучение, за нив беше незначајно тоа што младите луѓе не си ги познаваат сопствените традиции и моралните вредности на општеството во кое живеат. За предводниците на опозицијата веројатно не беше ни доволен аргументот дека со воведување на верското образование, како држава многу ќе влијаеме на развојот на здрави поколенија, во поглед на намалување на алкохолизмот, наркоманијата, проституцијата, педофилијата, промискуитетот, но и во поглед на намалување на верскиот фанатизам и непознавањето на религиите на луѓето со кои секојдневно живееме и работиме. Едноставно, колегите од опозицијата (заедно со своите мегафони) се впуштија во толкување и поимање што во Европа го немаат ни претставниците на екстремната левица. Во Европа ова беше и е апсолвирана работа. Религијата, секако, е една од вредностите на модерното европско живеење. Но инаетот е опасна работа.

Сепак ние, како одговорно мнозинство во Собранието, ги предвидовме забелешките и уште во предлог-фазата за донесување закон воведовме алтернатива за оние што нема да сакаат да ја изучуваат веронауката. Воспоставивме можност да изучуваат предмет историја на религиите. Секако, главен аргумент што беше присутен во нашите размислување беше можноста за избор, односно можноста за алтернатива. Тоа беше позиција што им ги скрати и оние малку аргументи на борците против веронауката во нашето општество.
Проектот, како и сите други од областа на образованието, почна да заживува. Наставни планови, наставни програми, упатства за спроведување на наставата, упатства за наставниот кадар...

Тоа што кај мене побуди интерес да ги напишам овие редови беа неколкуте неофицијални информации присутни во медиумите за резултатите од спроведените анкети помеѓу родителите за нивната одлука, дали нивните деца ќе го изучуваат предметот веронаука или предметот историја на религиите. Резултатите се повеќе од охрабрувачки, резултатите се повеќе од мотивирачки. Фактот дека значајно поголемиот дел родители се изјасниле за изучување на веронауката е факт што повторно ги потврдува почетните аргументи. Граѓаните го прифаќаат и овој проект на Владата на Република Македонија. Според нив, проектот е успешен. Од овој момент, па во иднина, повеќе не се релевантни двочасовните дискусии на неколкуте пратенички од опозицијата, не се релевантни ниту скапоплатените опозициски „невладини“ организации. Од овој момент релевантна е одлуката на граѓаните на Република Македонија.
Проектот е успешен.
Веронауката може конечно да заживее и во Македонија.
Авторот е пратеник

Извор: Нова Македонија