ЕСРА ќе организира две работилници кои ќе го навестат одржувањето на големото биенале во нашата земја

Сунчица Уневска

Македонија ја доби организацијата и честа да биде домаќин на 14. Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот BJCEM, кое ќе се одржи следната година во септември, односно од 2 до 12 септември 2009 година. За таа цел, а во рамките на подготовките на овој најголем настан во културата во нашата земја, на кој ќе учествуваат дури 2000 уметници од 46 европски и медитерански земји, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Скопје-Париз-Њујорк ќе организира две работилници кои ќе го навестат биеналето и на кои уметниците ќе ги подготват своите настапи.

BJCEM е многу значајна и огромна манифестација посветена на младите уметници и на сцената на модерните движења во сценско-визуелниот, во театарскиот, филмски и музички домен. Нејзиниот почеток беше во Барселона во 1985 година, а потоа се одржа и во Марсеј, Лисабон, Рим, Атина, за денеска таа да биде еден вид алтернатива на големото венециско биенале, чие седиште е во Брисел, а секое издание се одржува на различно место. Македонија успеа да ја добие организацијата за нејзиното 14. издание, кое ќе се одржи следната година во септември, кога нашата земја која ќе ја посетат 2000 уметници ќе се претвори во голема европска сцена на модерната уметност. Инаку, оваа организација и официјално беше преземена во текот на одржувањето на 13. BJCEM во мај годинава во Бари, Италија, од страна на Јордан Плевнеш, деканот на ЕСРА (која е партнер во подготовката на оваа манифестација) и нашиот голем уметник, Борис Трајанов.

 

Првата работилница, која ја подготвува ЕСРА, ќе биде во филмско-музичкиот домен во текот на претстојниот септември. Како што ни кажа Плевнеш, заедно со организациониот одбор на Биеналето, тие ќе примат 30 млади уметници од Европа и од Медитеранот, а се разбира и од нашата земја, кои ќе можат да работат на своите идни проекти. Работилницата ќе ја водат професори од Италија и од Балканот кои работат во доменот на филмските, музички и аудиовизуелни уметности. Додека кај нас работилницата ќе ја води проф. Илија Пејовски, декан на Факултетот за применета музика.

 

Втората работилница ќе се одржи во текот на февруари следната година, а ќе биде посветена на документарниот филм. Во нејзини рамки планирано е да присуствуваат 30 документаристи од 11 земји, кои ќе прават документарни филмови на тема „Пет минути надеж за мене и за мојата земја“. „Западниот Балкан се' уште е третиран како проблем на европската цивилизација, иако таа всушност од него почнува, и нашата цел е да покажеме една трансформација на социјалната слика на Балканот во Европа“, ни рече Јордан Плевнеш.

 

А покрај овие работилници, на иницијатива на министерската за култура, Елизабета Канческа Милевска и на иницијатива на директорот на бирото на УНЕСКО во Венеција, Енгелберт Роуз, во Македонија ќе се одржи министерска конференција која ќе го иницира прашањето на соработка во пресрет на Биеналето. Универзитетот ЕСРА ќе биде носител на активностите околу промоцијата на Биеналето, но и на соработката во различни домени со повеќе институции. Како што ни рече Плевнеш, тие веќе потпишале протокол за соработка со Факултетот за медиуми и комуникација во Белград и со Филмската академија од Тирана, а се очекува кон него да се приклучат и академиите од Бугарија, Грција и Косово. „Една од целите е да бидеме носители на идејата во трансформација на аудиовизуелната комуникација. Сакаме да се воспостават повторно мостовите и да се пласираат информациите за сето она што се случува во соседните земји, за да не владее и понатаму логиката на локалната тиранија“, нагласи Плевнеш, најавувајќи дека по тој повод ќе се организира и симпозиум на кој ќе бидат поканети експерти од оваа област од различни земји.

Извор: Утрински весник