Со веронаука против пороците


На вчерашната трибина "Мојот избор е веронаука. Зошто?" организирана од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ беа изнесени тврдењата за изучување на вероучението, кое според говорниците, промовира пријателство, љубов, почитување..., односно на вистинските вредности во живеењето



Во насока на укажување на младите што е тоа почит, љубов, разбирање во денешниот свет полн со пороци, во основните училишта од септември ќе се изучува веронауката. Таа ќе биде застапена со по два часа неделно како изборен предмет во петто одделение. Учениците преку одредени наставни содржини ќе ја изучуваат Библијата како темел на христијанската вера промовирајќи ги пријателството, почитувањето, нацијата... На часовите ќе се развиваат и дискусии за одредени проблеми и ќе се водат анализи на одредени ситуации од секојдневието.
- Преку веронауката сакаме да ги афирмираме позитивните вредности и тие да се применуваат. По предметот ќе се добива оценка која ќе влегува во општиот успех на учениците. Во наставните содржини нема да има истакнување на верски обележја. Битно е учениците да учат што е добро, што ни е заедничко што не поврзува со другите вери. Веронауката ќе се интегрира и со останатите предмети, пред се природа, историја, мајчин јазик, ликовно. Преку вредноста на пораките ја изучуваме нашата култура, минато и иднина, рече Илија Мешковски, од Бирото за развој на образованието на вчерашната трибина што ја организираше Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
На трибината "Мојот избор е веронаука. Зошто?" беа изнесени редица причини зошто родителите треба да ги запишат децата да изучуваат веронаука. Меѓу другото, беше потенцирано дека веронауката ќе помогне да ги одбереме вистинските вредности во нашите животи. Според отец Ивица Тодоров тоа е да не бидеме егоистични, да не бидеме завидливи, да немаме раце што пролеваат невина крв (наркоманија и абортуси).
- Веронауката ќе ни помогне да осознаеме што е лага, што е вистина, што е добро, а што лошо, рече меѓу другото отец Ивановски. Тој преку Соломоновите изреки потенцираше да не се сее раздор меѓу луѓето, бидејќи во денешното време на живеење кое само по себе е стресно, она што им е потребно на луѓето е мирот, а не предизвикување на немир.
И Унијата на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ на трибината го изнесоа својот став за воведувањето на веронауката. Тие сметаат дека се уште има луѓе кои мислат дека религијата е опиум за да се држат масите во покорност, но она што е опиум сега, сметаат младите на ВМРО-ДПМНЕ, тоа се пороците. "Веронауката учи на морални принципи и помага во формирањето на личноста, а основното образование е вистинскиот период за стекнување на вакви принципи", рече Милка Колева, претседател од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Милена ГЕОРГИЕВСКА- Вечер
Фото:Ѕ.ПЛАВЕВСКИ