До 3.000 евра казна за непочитување на македонскиот јазик


Во Законот за употреба на македонскиот јазик паричната казна која изнесуваше од 10.000 до 200.000 денари е заменета со глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра


Со новите законски измени е зголемена висината на казните за непочитување на правилната употреба на македонскиот јазик и кирилското писмо. Во Законот за употреба на македонскиот јазик паричната казна која изнесуваше од 10.000 до 200.000 денари е заменета со глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра. Прекршочна постапка во такви случаи ќе води надлежниот суд по претходна пријава на надлежен орган.

- Министерството за култура може да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции и е дадена основа инспекторите за култура на сторителот на прекршокот да можат да му предложат постапка за порамнување пред да поднесат барање за поведување прекршочна постапка пред надлежниот суд, со што значително се скратува времето за водење на прекршочна постапка и се намалуваат трошоците кои би настанале доколку прекршочната постапка би се водела пред надлежниот суд, соопшти Министерството. Со Законот за употребата на македонскиот јазик не се регулира употребата на македонскиот јазик како службен јазик, туку неговата правилна употреба како литературен македонски јазик и неговото кирилско писмо.

Министерството за култура минатата и оваа година ги измени и дополни законите за култура, за заштита на културното наследство, за библиотеките, за музеите, за меморијалните споменици и спомен обележјата, за употребата на македонскиот јазик, за задолжителен примерок и Законот за филмскиот фонд на Република Македонија. Инспекцискиот надзор над спроведувањето и примената на законите и другите прописи го вршат инспектори за култура.

Извор. Вечер