Со национален уметник ќе се титулираат најдобрите

Предвидено е титулата национален уметник да ја имаат пред се' уметници од балетот, операта, театарот и од филхармонијата


Врвните во својата сфера ќе добијат сатисфакција:
Eлизабета Канческа-Милевска

Само најголемите македонски уметници од сите културни дејности ќе ја добијат титулата национален уметник. Новата категорија уметник ќе се доделува од идната година, на афирмирани уметници што дале голем придонес во развојот на македонската култура и нејзина афирмација во странство. Според Елизабета Канческа-Милевска, државен секретар во Министерството за култура, засилено се работи на утврдување на критериумите и бенефициите што треба да ги имаат носителите на титулата национален уметник.

- Воведувањето на категоријата национален уметник произлегува од зацртаната културна политика и стратегија за нејзиното спроведување, чиј важен сегмент е промовирање и поддршка на врвната уметност. Националниот уметник или национален првенец не е непозната категорија во културата, хрватскиот закон за театрите, на пример, познава категорија национален првак на опера, драма или балет. Воведувањето на статусот национален уметник повлекува измена и дополнување на досегашните прописи од областа на културата. Во изминатиот период во Министерството за култура се работеше на компаративни проучувања и оформувања тези за нормативно вообличување на оваа категорија, вели Канческа-Милевска. Статусот национален уметник е предвидено да биде воведен пред се' во делот на музичката и сценско-уметничката дејност, операта, балетот и театарот за постигнат висок степен на афирмација на културните вредности во нашата земја и во странство. Во ресорното министерство во тек е разработка на нормативните решенија во врска со постапката за доделување на статусот национален уметник, се пропишуваат критериумите и условите за тој статус да се добие, како и основите за остварување на правата и придобивките што би произлегувале од овој статус.

- Во секој случај, се предвидува категоријата национален уметник да биде дел од идните нови прописи во областа на културата, како што е на пример посебен закон за музичко и сценско-уметничка дејност. Национален уметник пред се' ќе биде посебен, почесен статус што ќе го доделува државата на иницијатива на културната средина и по мислење, рецензија, на посебно компетентно тело, а врз основа на определени услови и критериуми. Секако, освен признание и почест, статусот национален уметник би требало да претставува и основа за остварување на правата што произлегуваат од работниот однос - начинот на определувањето и висината на платата и други права, вели Канческа-Милевска. Националниот уметник би имал одредени бенефиции - пензија, поволности во остварувањето на својата уметничка дејност и стимул за творештво.