Истражувањата и заштитата на културното наследство на почетокот на годинава беа посочени како сфери што се меѓу приоритетите на Министерството за култура

Археолозите годинава имаат повеќе шанси да продрат во тајните на минатото, скриени во македонската почва. Се работи насекаде, на територијата на цела држава. Истражувањата и заштитата на културното наследство на почетокот на годинава беа посочени како приоритетни сфери на Министерството за култура. Најголеми суми и овој пат се одвоени за таканаречените капитални проекти на Владата, кои локалните музеи ги спроведуваат под директива на Управата за заштита на културното наследство. Таа институција ги координира сите поголеми проекти.Најинтензивни се археолошките ископувања на охридскиот духовен центар Плаошник. Ископувањата годинава се концентрирани на лакот на кој наесен ќе бидат поставени темелите на Светиклиментовиот универзитет.Во Охрид се работи на уште еден капитален проект. Во тек е изградбата на „Заливот на коските“, музејски комплекс на кој ќе биде сместена праисториската наколна населба. На блискиот рид Градиште беа спроведени археолошки ископувања на населбата од римски период, која ќе биде дел од комплексот.

ПРИ КРАЈ ИСКОПУВАЊАТА НА ВАРДАРСКИ РИД

Ископувањата на Тетовското кале, познато како Балтепе, по обем е втор терен во Македонија. Околу 170 археолози, историчари на уметност, архитекти, топографи и геодети, студенти по археологија и работници од земјава, Албанија и од Косово ги истражуваат бедемите на малиот град од крајот на 18 и почетокот на 19 век.Тим од Музејот на град Скопје веќе неколку месеци истражуваат на римскиот град Скупи. Археолозите работат на пет сектори. Со секој од нив ќе раководи по еден искусен археолог, кој во својата екипа ќе има дипломирани археолози, студенти по археологија и работници.Во капиталните проекти се вбројува и ископувањата на Виничко кале, каде што пред неколку децении беа пронајдени виничките теракотни икони.Археолози од Музејот на Македонија речиси пет месеци работат на античкиот град Стоби, кај Градско. Нивното внимание е концентрирано околу Римскиот форум, објект што според најновите пронајдоци веројатно бил сенат, библиотека или друга грандиозна јавна градба. Деновиве привршуваат ископувања на старомакедонскиот град на Вардарски Рид, кај Гевгелија. Локалитетот го истражува тим од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет од Скопје во соработка со гевгелискиот Музеј.

ЗА СИТЕ ПО МАЛКУ

Според годинашната програма што ја објави Министерството за култура, археолозите од Музејот на Македонија треба да работат на островот Голем Град, во Преспа, се планираат теренски истражувања и ископувања крај реката Брегалница, а ќе работат и на раноантичката населба Градиште кај селото Бразда. Завршија ископувањата на неолитска населба Тумба Маџари кај Скопје, се подготвуваат истражувања на Тумба Стенче, во Тетовско. Ќе се работи и на Исар Марвинци, на локалитетот Димов Гроб, кај селото Уланци и кај Демир Капија.На гевгелискиот Музеј му се одобрени пари за истражувања на долниот дел од областа по течението на Вардар и на локалитетот Градишор Мрамор. Тетовскиот музеј ќе работи на локалитети кај селото Стенче и кај село Јегуновце. Музејот во Куманово ќе работи на два терена - на Градиште, кај селото Пелинце и на Татиќев Камен, на Кокино. Музејот од Струга планира да работи на Градиште Тумба кај селото Октиси. Според годишната програма, археолозите од Битола ќе истражуваат само на неолитската населба Велушка Тумба кај селото Породин. Прилепскиот музеј ќе ја истражува околината на Трпчева црква, на локалитетот Трештена Стена кај мариовското село Чаниште и на локалитетот Баба. Археолозите од Струмица не се спомнати во годишната програма на ресорното министерство, но тие наголемо ископуваат на Цареви Кули, а се работеше и на римските бањи. Нивните колеги од Неготино ќе работат на археолошки локалитет Градиште и околу Демир Капија. Музејот во Кавадарци планира систематски археолошки ископувања на Градиште кај селото Дреново и на Моклишко кале. Институтот за старословенска култура ископуваше во пештерната црква кај манастирот Зрзе, ќе работи и на дефинирање на границите на комплексот Маркови Кули, кај Прилеп.

Весна Ивановска-Дневник