ЗАБОРАВЕНА НАЈСТАРАТА ВЛАШКА НАСЕЛБА ВО МАКЕДОНИЈА
Калин Камен нова туристичка атракција на осоговието

 

Денес најпознатите влашки семејства во Македонија, на Хари Костов и на Штерјо Наков, потекнуваат токму од Калин Камен, а Наков ја продолжил традицијата и тука одгледува неколку илјади овци

 
Манастирот "Св. Јоаким Осоговски" не е единственото богатство на планината над Крива Паланка. Штом дојде лето, се поголем број групи туристи се искачуваат на планината, но не запираат кога ќе стигнат во манастирот туку остануваат по половина час да се одморат, а потоа продолжуваат угоре, до месноста позната како Калин Камен. Тука ја снемува угорницата, а пред намерниците се отвара рамнина со езеро, видиковци, детски забавен парк, ловечка куќичка, букова шума и ливади над кои се извишува единствената карпа, која кривопаланчани со векови ја викаат Калин Камен. Оваа карпа ја крие легендата за убавата мома Калина, а токму легендата е една од причините поради која туристите се одлучуваат со часови да пешачат за да го видат Калин Камен.

Од Крива Паланка до Калин Камен има четири часа пешачење. Според легендата толку време пешачела и убавата Калина по која карпата го добила името. Легендата ни ја раскажа Јордан Михајловски, истражувач на Осоговските планини.

"Во времето на отоманското ропство, во едно кривопаланечко село на Осоговието живеела мома Калина, надалеку позната по нејзината убавина. Неа ја забележал турскиот ага кој раководел со Крива Паланка, ја грабнал и ја однел во своите сараи. Калина знаела дека треба да ја смени верата за да биде турска невеста, па затоа истата вечер нечујно се искрала од сараите и побегнала на Осоговските Планини. Се искачила на највисоката карпа над манастирот и скокнала од таму. Во чест на нејзиното херојство за да ги зачува честа и христијанската вера населението местото го нарекло Калин Камен, по карпата од која се фрлила Калина", раскажува Михајловски.

Месноста Калин Камен неколку века по трагедијата на Калина, за свое место на живеење ја одбрале стотина влашки семејства и во првата половина на 19 век таа била една од најпознатите влашки населби. Сточарството им било главно занимање и претставувало извор на средства за живот. Тука влашките семејства, меѓу кои најпознато било семејството на Санде Влао, одгледувале овци, кози, говеда и коњи. Месноста била значајна и по одгледувањето на ситен добиток, а квалитетот на овците, пастрмата и на волната ги заживеал старите трговски врски кон Цариград и Солун. Како што тие се повеќе зајакнувале така и Крива Паланка станала важен пазар и средиште на препродавачите, во тоа време познати како џамбази. Крива Паланка, покрај големата трговија со Солун и Цариград, станала силна транзитна точка и за стоките што оделе преку неа од други области на Балканот.

Покрај тогаш најпознатиот паланечки трговец Стефан Беглигчија, со трговија на овци се занимавале и власите Зико Коста Ќаја, Никола Ќаја и Санде Влао. Нивните овци, кашкавал, сирење, масло, волна и јамболии најмногу биле застапени на пазарите во Солун и во Скопје.

Власите, традиционално, секоја година на 28 август дарувале по 200 овци и јагниња на манастирот "Св. Јоаким Осоговски", по повод неговиот празник. Но, за жал, вели Михајловски, со одлука на властите, во 1948 година сите Власи се иселиле од Калин Камен во рамничарските села на Свети Николе, Штип и Куманово, за да може месноста да се развие во туристичка атракција.

"Денес најпознатите влашки семејства во Македонија, на Хари Костов и на Штерјо Наков, потекнуваат токму од Калин Камен. Но единствено Штерјо Наков ја продолжи традицијата и денес тука одгледува неколку илјади овци и произведува квалитетно сирење", вели Михајловски.
Од влашката населба на Калин Камен денес има само по некој камен на место каде некогаш имало куќи, а насекаде може да се најдат заборавени грнци, бардачиња и садови што се користеле во населбата. Бидејќи влашките куќи биле урнати до темел, денес на нивно место има бачила и ливади на кои пасат овци.

Овчарите и туристите не се единствените кои се искачуваат на Калин Камен. Таму речиси секојдневно доаѓаат групи диви копачи на злато. Меѓу нив е раширен митот дека таму има закопано ајдучко злато од турско време. И тие ја знаат легендата за убавата Калина, но никој од нив не е расположен за разговор кога ќе се искачи на Калин Камен. Доаѓаат, обележувааат, копаат и внимаваат што побргу да се симнат во градот. Иако зад себе остваат купишта раскопана земја, никој не може да ги види кога копаат.

По долги години запуштање во 2000 година Општина Крива Паланка реши да го заштити Калин Камен, да ја оживее легендата и да им овозможи на туристите полесно да стигнат до месноста. Советот донесе одлука за урбанизација на Калин Камен како рекреативен центар. Со донација од Европската унија, на само неколку километри од манастирот "Св. Јоаким Осоговски" изграден е забавен парк за да можат туристите да се рекреираат кога ќе дојдат на Калин Камен.

"Изградивме игралиште за деца од 5 до 12 години, кошаркарско игралиште и поставивме машки и женски туш-кабини. До вештачкото езерце направивме одморалиште за планинарите. Има и неколку видиковци, од каде што може да се гледа панорамата на Крива Паланка. Навистина се надеваме дека ќе заживее ова планинско место за кое многумина и не знаат дека постои", вели Душко Арсовски, главен менаџер на проектот.

И додека да се комплетира мозаикот за Калин Камен со сите нереализирани можности, не се менува легендата за Калина. Кривопаланчани веруваат дека тие што сакаат и сега можат да ја видат како во вечерните часови во бела руба шета низ цветните ливади на планината.
Милена Ѓорѓиевска-Вест


Посети: {moshits}