Женева, 12 јуни (МИА) - Образованието е клучот во борбата против детскиот труд, се наведува во извештајот на Меѓународната организација на трудот, објавен по повод денешниот Светски ден за борба против злоупотребата на детскиот труд.

Според податоците на организацијата, околу 75 милиони деца кои не посетувале ниту  основно училиште принудени се да започнат со работа уште од најрана возраст.

Генералниот директор на Меѓународната организација на трудот Хуан Сомавија изјави дека сите напори треба да бидат насочени кон тоа да биде заштитено правото на децата на образование.

Во околу 60 земји во светот денеска ќе биде одбележан Денот за борбата против злоупотребата на детскиот труд преку различни манифестации.

Во Република Македонија над 18.500 деца не се вклучени во образовниот систем, а најмалку 2.000 деца се на улица и се жртви на злоупотреба на детскиот труд, соопшти Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ по повод 12 јуни - Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд.  

Според „Меѓаши“, во земјава состојбата со злоупотребата на детскиот труд се уште е алармантна, иако Македонија уште пред седум години ја ратификуваше Конвенцијата против најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд.

Злоупотребата на детскиот труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална и сексуална злоупотреба (детска проституција и порнографија), како и трговија со деца и деца војници. Во светот има приближно 246 милиони деца на возраст од 5-17 години чиј труд се злоупотребува. Од нив, околу 186 милиони се деца на возраст под 15 години, а 110 милиони се деца под 12 години кои работат со полно работно време и во лоши работни услови.

Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд се одбележува насекаде низ светот со активности чија цел е да се подигне свеста кај луѓето за проблемот. Годинава, темата на Меѓународниот ден  е „Образованието - одговор на детскиот труд“.  ссм/9:23