Малиот Марко Чаласан, кој на 24 јули ќе наполни осум години и е ученик во второ одделение во ОУ „Блаже Конески“ во скопската населба Аеродром, е најмалиот компјутерски стручњак на нашата планета. Ова дете-генијалец со чекори од седум милји ита кон новите знаења од областа на информатиката. Како сунѓер ги впива многубројните податоци и комплицирани формули, дефиниции, изрази и операции и со секојдневно учење, но и со примена на знаењето во практиката, користејќи ги компјутерите што ги доби на подарок од македонската влада, под будното око на својот татко Милан Чаласан, кој е систем-оператор, прави напори да ги совлада тајните и да се обучи за користење на современите технологии. По полагањето на стручните испити, од кои се стекна со три сертификати на „Мајкрософт“, Марко секојдневно се подготвува за четвртиот испит, кој треба да го полага кон крајот на 2008 година, по што ќе биде само чекор пред звањето систем-администратор и ќе може да поставува мрежи, сервери и компјутерски системи во големи фирми.
Пред Марко Чаласан се голема иднина и успеси, кои ќе ја прослават Македонија во светот во областа на информатиката. Државата веќе му даде поддршка и стипендија со желба Марко еден ден да биде наша национална гордост, иако и сега веќе има многу причини да се гордееме со неговиот талент и натпросечна интелигенција. На 8 јуни Марко ќе ја прими наградата „златна петка за најуспешните“ заедно со други деца-таленти од Македонија на возраст до 18 години. Неодамна доби награда и од словенечката фирма „Астек“ од Љубљана, каде што го полагаше третиот стручен испит на „Мајкрософт“.Второодделенецот Марко Чаласан го посетивме во неговиот дом, во Скопје, каде што вредно учи и се подготвува за четвртиот испит за систем-администратор. Со сегашните дипломи тој може да работи како техничка поддршка, т.е. да им помага на корисниците при специфични проблеми со технологијата.
- Уште два испита ќе администрирам на сервери и ќе решавам проблеми, а потоа кога ќе станам систем-инженер ќе планирам мрежи - вели Марко.

Имаш ли практично искуство по добивањето на сретификатите на „Мајкрософт“?
- Да, во организацијата „Полио плус“ поставив компјутерска мрежа и сега ја одржувам преку ВПН. Пристапувам и ја контролирам поставената програма и постојано го изучувам и го надградувам она што претходно ќе го извежбувам во мојата компјутерска лабораторијата.

На што работиш сега?
- Сега работам на „Виндоус флот“, ги изучувам технологиите за испитот 70-390. Тие технологии опфаќаат доменски групи, кориснички налози, доменски компјутерски налози, решавање проблеми со печатачи лап и дајрект три, кориснички налози, компјутери, групи.

Како изгледа еден твој ден кога не одиш на училиште?
- Па учам по четири часа на ден, два часа теорија и два часа практика. Татко ми Милан ме учи, тој има многу адаптибилна програма. Затоа со дел од компјутерите што ги добив како подарок од Владата на Македонија, кои останаа во моето училиште „Блаже Конески“, отворивме компјутерска школа, во која се запишани деца на возраст од 5 до 10 години. Тие одлично ја прифаќаат програмата и брзо напредуваат. Понекогаш и јас им објаснувам, но сега малку поретко, зашто сум зафатен со подготовките за испитот. Се одморам и со изучување на моите омилени бинарни броеви, навистина го сакам тоа.

Слушнавме дека многу те интересира изучувањето на безбедноста на компјутерите.
- Тоа е моја омилена област. Компјутерите се заштитуваат со четири чекори. Првиот чекор е да се вклучи „Виндоус фајр“, втор да се апдејтува системот со помош на „Виндоус апдејтинг“ или „Мајкрософт апдејт“, да ги има најновите заштити, да се инсталира антивирусна програма што штити од вируси и црви и други работи и, на крајот, последниот чекор е да се инсталира антиспајдер-програма.

Што би сакал да работиш кога ќе пораснеш?
- Кога ќе пораснам сакам да истражувам во областа на компјутерите.

Дали ти е здодевно на училиште?
- Па не, наставничката Александра и другите деца дури ми приредија забава кога го положив испитот за вториот „мајкрософт“-сертификат. Но ми беше доволен само еден ден ги исчитам учебникот по математика и читанката. Мои омилени книги се „Виндоус сервер 2003“, „Виндоус ХР профешнал“ и за да ги прочитам ми треба многу повеќе време, а освен тоа со нив постојано откривам нешто ново за компјутерите.

Играш ли компјутерски игри?
- Не играм за да не ми се испомеша материјалот што го учам, а немам ни желба за тоа.

Точно ли е дека кај вас дома се јавуваат луѓе што сакаат ти да им инсталираш компјутер?
- Многу луѓе се јавуваат кај нас дома и на неколкумина им инсталирав компјутери. Ги конфигурирам, инсталирам софтвер и се е ОК.

Имаш ли време за играње?
- Да, еве сега учам да возам ролерки. Сакам и да пливам, да пешачам... Понекогаш со моите родители Милан и Радица одиме пеш до крстот на Водно. Се допишувам со другарите на Скајп. На телевизија сакам да го гледам каналот Дискавери и да читам енциклопедии за деца, како што е „Илјада зашто, илјада затоа“.

Дали планираш да ја скратиш долгата коса?
- Не, не ми пречи и не сакам да ја скратам косата. Мене ми се допаѓа.


Супербебе

Од многу мал многу брзо учеше, паметеше, но јас во почетокот мислев дека тоа е нормално. Се уште ја чуваме снимката на диктафон на која тогаш 18-месечниот Марко ги кажува буквите на латиница: ова е зет, ова е икс, ова е ипсилон. Уште како бебе уживаше да седи пред компјутерот, а на две години ги распознаваше марките автомобили, вели Радица Чаласан, мајката на малиот генијалец и додава:
- Марко е дете со визија, секогаш забележува нешто ново, открива грешки. Сака да чита енциклопедиски податоци, брзо памети и лесно учи стручни изрази и зборови. Има огромен фонд странски зборови. Најпрво научи да чита латиница и англиски јазик, па потоа кирилица. Освен компјутерите, ги сака астрономијата, географијата, биологијата, анатомијата. Ги знае сите планети, нивните температури, гравитацијата, растојанието една од друга...

Марија Таушанска