Македонската уметност претставена на Биеналето во Бари

Повеќе од илјада уметници, новинари, видни личности од културата од 48 земји од Европа и од Медитеранот присуствуваат на уметничкиот собир, кој за неколку години ќе ја создава светската уметничка сцена

Искуството од Бари ќе биде еден прекрасен патоказ да го организираме Биеналето на млади уметници на Европа и на Медитеранот со високо достоинство, како земја во која сите духовни вредности, цивилизациски и религиски предзнаци традиционално се присутни. Македонија, како земја на универзализмот, на сите млади од Европа и од светот ќе им приреди едно незаборавно доживување, рече Јордан Плевнеш, амбасадор на Македонија и потпретседател на интернационалната асоцијација на УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите.

Тој на синоќешната прес-конференција што се одржа во Бари, ја најави манифестацијата што в година ќе се одржи во Скопје.Тринаесеттото издание на Биеналето што се одржува во Бари беше отворено завчеравечер, во саемот „Фиера дел Леванте“. Повеќе од илјада уметници, новинари, видни личности од културата од 48 земји од Европа и од Медитеранот присуствуваат на уметничкиот собир, кој за неколку години ќе биде создавач на светската уметничка сцена. Биеналето беше отворено со голема изложба на ликовните уметници од сите земји, а продолжи со настапот на музичарите Францеско Фарфа, Стефано Фонтана, Конгорок и Лаб 080.За жал, македонските ликовни уметници не стигнаа да ги видат сопствените дела на отворањето на изложбата, бидејќи стигнаа во Бари шест часа подоцна, зашто задоцнија авионските летови. Македонската делегација стигна во Бари со делегацијата од Босна и Херцеговина. Музичарите од групата „Проџект жлуст“ синоќа требаше да настапат на главната сцена на сајмиштето. Во составот формиран во 1998 година членуваат Емин Џијан, Иван Бејков, Александар Секуловски, Газменд Дериса, Гоце Стефковски, Владимир Поп Христов и Александар Серафимов.Македонија како иден домаќин на големата манифестација синоќа ја најавија и Емил Митевски и Тања Блажовска од Асоцијацијата за меѓународна младинска соработка, која веќе неколку години го организира учеството на младите уметници од Македонија на големата манифестација.

Тие лани направија се' и победија многу европски градови за да го донесат биеналето во Скопје.Бари деновиве живее во духот на Биеналето. Искористени се сите сместувачки капацитети во градот, но сите настани се сконцентрирани во саемот. Шаренило од млади музичари, сликари, скулптори, театарски и филмски уметници и многу позитивна енергија се чувствува во комплексот од сали. Вчера претпладне сите полека се собираа на тоа место.Македонската ликовна уметност ја претставуваат Верица Ковачевска,Ѓорѓе Јовановиќ, Ивана Јосифовска, Ивана Сиџимовска, Марко Манев, Симон Калајџиев и Кристина Пауновска. Митевски и Блажовска, заедно со претставници од Министерството за култура, амбасадорот Јордан Плевнеш и со оперскиот пејач Борис Трајанов в понеделник, на генералната асамблеја на Биеналето ќе ја претстават Македонија како иден домаќин на манифестацијата.

Весна Ивановска Наш известувач од Бари