Триесетина планинари од повеќе планинарски друштва од Македонија и од Бугарија, денеска ќе ја пропешачат патеката долга 40 км, од Лесновскиот до Осоговскиот манастир. Тие се учесници на шестата Меѓународна планинарска трансферзала „4М-1“, која е една од највозбудливите и најатрактивните.

Таа ја следи легендата од 11 век за четворицата пустиножители од Лесновската Гора - Јоаким Осоговски, Јован Рилски, Прохор Пчињски и Гаврил Лесновски и нивниот пустиножителски пат по разделбата на четири различни страни.На стартот пред Лесновскиот манастир, на изгрејсонце ќе бидат пуштени шест гулаби, кои симболично ќе го одбележат шестото изведување на оваа меѓународна трансферзала.

Тие, на уникатен начин, со порака прикачена за прстен на нивната нога, ќе ја пренесат пораката за бројната состојба на учесниците до манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, каде што ќе бидеме пречекани на зајдисонце со традиционалното манастирско гравче. Оваа патека ги опфаќа најатрактивните природни и културни вредности и е предизвик за секој планинар.

Тоа не е обично пешачење, туку откривање на убавините што го надополнуваат човекот со природата. Ова неповторливо доживување, со ексклузивни фотографии, сите љубители на планинарењето може да го видат на интернет-страницата www.planinarenje.org - вели организаторот и планинарски водач Стојанче Величковски.Утре планинарите ќе ги посетат водопадите на Станечка Река во селото Станци, Кривопаланечко, кои се дел од алтернативните патеки на трансферзалата.

(Ж.Ц. „Дневник“)