Конзервација на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане и нејзина целосна рехабилитација како културно-туристичка целина - ова е првиот проект од Македонија, поддржан со близу 50-те милиони евра што Советот на Европа и Европската комисија ги издвоиле за обнова на споменици на културата од Западен Балкан.
Со овие пари ќе бидат реставрирани и конзервирани археолошки споменици, цркви и џамии во поширокиот регион, за кои владите ќе поднесат комплетно изработена документација за вредноста и прецизно подготвени проекти за ревитализација.
- Македонија е првата земја од поширокиот регион што има изработено комплетен план за ревитализација на целиот комплекс на црквата „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, во согласност со пропишаните стандарди и бараната процедура од Европската Унија. Затоа и сметаме дека тоа ќе биде првиот проект што ќе се оствари со оваа поддршка од европските фондови - вели Јулија Тричковска од Управата за заштита на културното наследство.
На конференцијата во Љубљана, одржана од 13 до 15 мај, е одлучено да биде поддржан по еден проект од секоја земја-учесничка во оваа иницијатива за ревитализирање на културното наследство на ЈИЕ.
Комплетно подготвениот проект за ревитализација на Старо Нагоричане предвидува обновување на црковниот комплекс и неговото опкружување како културно-туристичка целина. Тоа подразбира ревитализација на црквата, со што би се создале услови и за интензивирање на нејзината основна функција како активен верски објект, но и како атрактивен споменик на културата, адаптација на старото училиште во етнолошки музеј, обновување на испосницата на многупочитуваниот локален светец Прохор Пчињски, уредување на плоштадот во непосредната близина, обновата на автентични стари куќи за краткотраен престој на туристи и сл.
- Целта е да се поттикне поголема динамика на економско-културниот развој на општината и во потесен контекст да се зачува еден од најзначајните и светски познати византиски споменици од 14 век - вели Тричковска.
До крајот на годината во Управата ќе бидат комплетирани документацијата и плановите за ревитализација на уште три споменици на културата од Македонија - црквата „Света Богородица Перивлептос“ во Охрид, Златковата кула во Кратово и куќата на Рефик Сеља во Дебар.


Михајло и Ефтихиј го исцртале живописот

Се верува дека црквата „Свети Ѓорѓија“ е изградена во 1313 година, а нејзините темели се поставени на уште постара сакрална структура датирана на 11 век и изградена веројатно од царот Диоген (1067-1071).
Вредноста на објектот не е само во богатата архитектура туку и во исклучителниот византиски фрескопис во нејзината внатрешност. Автори на фреските се познатите Михаило и Евтихиј, на кои им се припишува и не помалку познатиот фрескопис во охридската црква „Света Богородица Перивлептос“.
Фреските се исцртани во палеолошкиот стил на 14 век, со исклучителна експресивност и деликатна стилизација. Портретите на ктиторите кралот Милутин и неговата сопруга Симонида се оценуваат во теоријата како импресивни.

Ј.Ф.