Што ни донесовте, има ли играчки? Со викотници и со огромна радост не пречекаа еден куп деца кои трчаат по двете возила натоварени со хуманитарна помош со кои пристигаме во Црешнево, село во Македонски Брод каде што живее Велче Цветаноски со своите осум деца.
Помошта пристигна по десетина дена откако ја објавивме потресната приказна за Велче кој сам се грижи за осумте деца во трошната куќичка секојдневно борејќи се со тешката сиромаштија.
Облека, обувки, храна, играчки, бела техника се само дел од донациите кои многу хумани граѓани ги испратија до редакцијата на „Дневник“ откако ја прочитаа приказната. Голем дел од нив се јавуваа и бараа контакт со Велче за да му испратат и парична помош, а меѓу нив и многу наши иселеници. Велат дека не смее да се изгуби вербата во хуманоста, дека таа е како океан, па само неколку валкани капки, не го прават валкан целиот океан. Токму тоа го
докажаа и многутемина што сами или со наша помош испратија донации до деветчленото семејство.


- Не знам како да се заблагодарам. Да напишете дека сум премногу благодарен, дека ова е голема помош. Иако не ги знам луѓето што донирале за нас, ова покажува колку има хумани граѓани. Моите дечиња ќе има со што да ги нахранам барем извесен период, со што да ги исперам и ќе ги згреам со шпорет кој не е распаднат и не чади од сите страни - со солзи во очите се заблагодари Велче.


Кире, Викторија, Ирена, Александар, Драгана, Мартин, Благица и Марко се осумте деца на Велче кои едвај ги прехранува со своите 6.000 денари плата. Сам се грижи за нив со помош на мајка си. Најмалите Благица, која има три и пол години, и Марко со две и пол години, најмногу се израдуваа на играчките од донациите. Излегоа надвор и ги возеа количките на улицата.


- Леле каков камион, брм, брм, никогаш не сум имал ваков, се смее Марко возејќи со играчката по камениот под во собата. Благица, не знае што попрво да земе, дали кукла, дали автомобил. На крајот се решава да ги проба сите обувки што ги најде во кесите и облекува бели гумени влечки. И' велиме дека е ладно, да земе патики или чизмички, а таа упорно ни вели „не, овие ми се допаѓаат“.
Александар и Драгана, пак, најмногу се израдуваа на ранците и училишниот прибор. Драгана одбра розов ранец, а Александар веднаш го грабна црниот машки ранец. Вресна од радост кога виде дека внатре има и училиштен прибор.
- Леле и фломастери има, и торбичка за боички и тетратки. Тоа ми требаше за на училиште - се радуваше четвртоодделенецот.


Сите деца се вклучија во растоварањето на хуманитарната помош од возилата, дури и најмалите. Ги влечеа торбите, кесите и пакетите, помагаа да се внесат во куќата. Очите им светат од радост, никој поискрено не се радува од децата.


-Моите деца немаат се што ќе посакаат, затоа се радуваат на најмала ситница, на убав оброк, а ова сега сe што донесовте е како празник за нив, Нова година споена со Божик - вели Велче.

Помош стигна и од самохрани мајки

Откако ја објавивме приказната за тешкиот живот на семејството Цветаноски во нашата редакција почнаа да се јавуваат граѓани кои сакаа да донираат и парични средства, но и храна и облека за децата. И компанијата „Тинекс“ помогна со пакети храна и средства за хигиена.

Помош се организира и преку социјалните мрежи. Повеќе фејсбук-групи, меѓу кои и „Кафе и пријатели“ се вклучија во акцијата, па дел од граѓаните и сами носат помош кај семејството. Благоја Филиповски во редкцијата на „Дневник“ се појави заедно со ќерка си Ели со полн автомобил донации за семејството. Со неговата ќерка, ја виделе сторијата и се потсетил на тоа колку е тешко да се расте во сиромаштија. Донациите се од нивни пријатели, а Ели помош собирала и од родителите во училиштето каде што учат нејзините деца. Успеале да соберат храна, облека, обувки, играчки за децата, а донираа и парични средства на сметката на Велче.


- Ме погодија многу сликите од дечињата. Никој не треба да живее така, а најмалку деца. Се надевам дека ќе им помогнеме и дека ќе им измамиме многу насмевки. Многу да ги поздравите кога ќе ги видите - ни рече Филиповски пред да заминеме.
Помош донираа и самохрани мајки. Катерина Ацевска има три деца за кои се грижи сама, но тоа не ја спречи да донесе донација од облека од нејзиното најмало дете, како и храна.
- Секогаш кога ќе видам дека деца страдаат и им треба помош, а можам да одвојам, тоа го правам - вели таа.


Голема помош стигна и од дијаспората. Добивме повик од редакцијата на порталот „Преминпортал“ кои не известија дека нивна соработничка од САД, која често им помага на сиромашни, сака да се вклучи во донаторската акција. Тие обезбедија нова машина за перење и шпорет на дрва со кој семејството ќе се грее во иднина.


-Постојано се јавуваа луѓе, некои дојдоа тука и ни донесоа и храна и облека. Сега имаме што да облечеме – вели Велче.

На куќата и треба итна санација

Секако дека оваа помош е добредојдена за ова семејство, но најголем проблем за нив претставува состојбата на куќата. Спијат на полураспаднати кревети кои пред многу години ги добиле како донација, а собите едвај се загреваат бидејќи куќата нема никаква изолација, а ѕидовите се испукани, со дупки од кои се гледа трската. Подот е од камен, а таванот може во секој момент да им се сруши на глава. Велче најмногу се плаши од пожар бидејќи струјомерот се наоѓа блиску до таванот каде што има голема пукнатина, а кога врне оттаму тече вода.
- Кога врне, јас не спијам. Качен сум на таван со кофи и тенџериња собирам вода. И дежурам да не се случи пожар. Им тече и на децава додека спијат, но најмногу ме плаши да не се запалиме од струјата. Мене помош голема ми  треба да ја направам куќава, да ја реновирам малку. Јас сам немам со што да ја поправам. Со 6.000 денари едвај се прехрануваме, повеќе сме гладни - вели Велче.
Со овие зборови тој и неговите деца не испратија од нивниот дом. Уште еднаш нагласи колку е благодарен за помошта и дека никогаш не го изневерила добрината на луѓето.

Последното патување на нашиот Звонко

Никој повеќе не се радуваше на патот до Црешнево од нашиот Звонимир Бежаниќ, возачот на редакцијата „Дневник“, кој, за жал, ненадејно почина следниот ден откако ја доставивме хуманитарната помош. Уште кога првпат ги виде гладните деца и им го даде својот сендвич што го спремил за по пат, рече: „Мора некако да им помогнеме“.
Се радуваше како мало дете кога луѓето ги носеа донациите, се шегуваше со децата кога им ги подаваше кесите од комбето. А тие, сите влегоа внатре со него да растовараат. Се грижеше дали зимава ќе имаат доволно дрва да се згреат, па му „нареди“ на Велче да собере уште додека не паднал снег.
Кога заминавме од Црешнево, изрази желба да им однесеме пакетчиња за Нова година и дека тој лично ќе ги побара како донација од компаниите. Ова последно патување го исполни срцето на Звонко со радост, исто како и на осумте гладни дечиња кои голема помош добија и од него.

Милена Атанасоска Манасиева

 

Извор: Дневник

Друго:

4.11.2016 год.

ПОТРЕСНА ПРИКАЗНА ЗА 10-ЧЛЕНОТО СЕМЕЈСТВО НА ВЕЛЧЕ ЦВЕТАНОСКИ (39) ОД ПЛАНИНСКОТО СЕЛО ВО МАКЕДОНСКИ БРОД

Од деветте деца во Црешнево осум се мои

- Сам се правам. Мајка ми помага со готвењето, но и таа е стара, кај и да е и за неа ќе треба да се грижам, вели 39-годишниот Велче Цветаноски, кого сопругата го напуштила и таа веќе не живее во селото, па грижата комплетно паднала на него и на неговата 70-годишна мајка Спасена
- Скромната куќарка има уште една соба, но таа е неупотреблива. Во дворот има уште една мала куќичка со една соба во која спие бабата Спасена со најстариот син и ќерка на Велче. Пред неколку години ова семејство, изгубило едно дете, ќерката која имала десеттина години. Родена била со срцева мана и починала за време на операција

Од девет деца во селово, осум се мои.Со овие зборови и со горка насмевка на лицето не поздрави Велче Цветаноски, 39 годишен жител на селото Црешнево во Македонски Брод додека се приближуваме до неговата полураспадната куќа во селото.
Едно по едно од секое ќоше од куќата, но и од зад дворот излегуваат Кире, Викторија, Ирена, Александар, Драгана, Мартин, Благица и Марко, осуммте деца на Велче. Набргу дознаваме дека тие во малата трошна куќичка во планинското село секоја вечер легнуваат во кревет недоволно нахранети. Спијат, јадат, се бањаат во една соба, тешко дека може и така да се нарече, но сепак е покрив над главата иако заслужуваат многу повеќе. Склопчени и по тројца-четворица на креветите кои чиниш само што не се распаднеле сонуваат утре да имаат барем еден оброк во денот. Но и едното парче леб што ги имаат го делат со нивниот Шарко, планиско куче кое им е единствената играчка.  Растат со татко им Велче и баба им Спасена.


- Здраво, јас сум Благица, не поздравува малото три и пол годишно синооко девојче со извалкани алишта и стари гумени чизмички, додека се симнуваме од автомобилот на сред село.
Љубопитно прашува како се викаме и каде ќе одиме на гости. Позади неа, трча и помалото двегодишно братче Марко за кое верувале или не се грижи како да е возрасна. Велче Цветаноски бргу ни открива дека со тешки маки сам ги гледа децата. Со сопругата се разделиле и таа веќе не живее во селото, па грижата за нив комплетно е на него.


- Сам се правам. Мајка ми помага со готвењето, но и таа е стара, кај и да е и за неа ќе треба да се грижам. Работам како хигиеничар во селското училиште, го чистам, го палам ќумбето. Имам плата од 6.000 денари и што попрво да купам со нив. Од четирите деца што одат во школото, три се мои, а едното е на соседите - вели тој.

 Кровот може да им падне на глава

Семејството Цветаноски преживува само со платата на Велче и помошта од добрите луѓе. Куќата во која живеат е во очајна состојба. Подот е од камен, креветите се стари, јадат на мала масичка, немаат машина за перење, а кровот само што не им паднал на глава. Пред некое време некој им подарил стар фрижидер, па сега бар има каде да ја чуваат храната.
- Во лето е полесно, децата се повеќе надвор, си играат во селото, но во зима сите десет души сме собрани во една мала соба. Не е лесно воопшто. Едвај се снаоѓам да им обезбедам храна барем за еднаш во денот да јадат. Осум деца се, треба да ги облечеш, да ги испереш. Мајка им не ги гледа често, се разделивме и таа си замина - раскажува тој.
Влегуваме во домот на Велче и ситуацијата е навистина како што кажува, дури и полоша отколку што замислувавме. Домот мириса на мувла, во малата собичка се ставени три кревети, па едвај има место каде да се размине човек. Кујната  е само еден импровизиран мијалник. Децата немаат ниту маса каде да седнат да јадат. Во истата просторија е машината за перење која не работи, па сега Велче, мајка му и постарата ќерка перат на раце. Каде и да се свртиш во домот и дворот има алишта кои се сушат. Куќата има уште една соба, но таа е неупотреблива. Во дворот има уште една мала куќичка со една соба во која спие мајка му Спасена со најстариот син и ќерка.
Пред неколку години ова семејство, изгубило едно дете, ќерката која имала десеттина години. Родена била со срцева мана и починала за време на операција.
- Девет деца имавме, ни замина едното девојче. Тешко на родител што изгубил дете, таа болка е незамислива, на никој Бог да не даде. Осум ги имам и не се каам заради тоа, но тоа значи и осум усти за хранење. Ми помагаат соседите, соселаните, но пред с` ми треба нов дом за живеење. Ми ветуваа дека ќе ми дадат социјален стан во Македонски Брод, но ништо од тоа не испадна. Не знам како да дојдам до нов дом - вели загрижено Велче.

 Во школото има само четири деца

Првачето Драгана се врати од училиште и со баба и влезе дома да напише домашна задача. Постарите деца одат во школо во селото Манастирец. Најстариот син има 14 години, а  најмалото две и пол. Заедно со Велче и најмалите дечиња Марко, Благица и Мартин одиме во селското училиште кое се наоѓа на двесте метри од неговата куќа да ги земеме осумгодишниот Александар и десетгодишната Ирена.
- Овие најмаливе сегде одат со мене, ме следат во чекор. Мали се, им треба нега и љубов. Тоа не им недостасува. Се трудам да бидат чисти, да ги измијам, ама со најмаливе тешко ми успева. Само што ќе излезат ќе се вратат извалкани. Село е ова, на секој чекор има кал до колена. Ако, така растат децата. Само да пораснат уште малку, да се осамостојат, ќе биде полесно. Најстарите деца сега ми помагаат со по помаливе - раскажува Велче.
Во подрачното училиште „Св. Климент Охридски“ кое е реновирано лани во моментов учат само четири дечиња.
- Не сакате да знаете какво беше училиштето до лани. Децата учеа во руини. Сега е супер - ни вели еден постар жител на селото тргнат да ги пасе козите.
Наставникот Даниел Кузманоски тука предава 12 години.
- Сега с` имаме, само деца немаме - вели тој отварајќи ни ја вратата.
Внатре во училната Ирена и Александар пишуваа на малите компјутерчиња и љубопитно ги кренаа главите кога видоа дека некој влегува во просторијата.  
- Јас најмногу сакам математика, но и да работам со компјутери - ни вели срамежливо Ирена.
Александар пак најдобар е по англиски јазик.
- Сите деца се умни и учат. Имаме одлични услови за работа. Школото е реновирано, сменет е подот, прозорците, па сега е топло. Имаме и интернет, компјутери за работа. Навистина ништо не ни недостасува. Би било добро да има повеќе деца, но четири се, а така ќе биде и понатаму. Догодина едно дете испраќаме селото Манастирец, каде учат од шесто до деветто одделение, а ни доаѓа едно прваче, исто дете на Велче, па пак ќе имам четири деца на кои ќе им предавам. Ако во селово не се оженат неколкуте ергени кои останаа тешко дека ќе има деца за десеттина години - раскажува учителот Кузманоски.
Тој секој ден патува во ова село од Македонски Брод. Има превоз до магистралниот пат, а петте километри неасфалтиран пат до Црешнево ги поминува со мотор, а во зима пешки.
- Потешко е во зима, кога ќе падне снег, но веќе сум навикнат .

Барем растат на чист воздух

Ѕвони за крај на последниот час во училиштето во кое порано учеле и по дваесеттина деца во една генерација.
-  Моја генерација бевме повеќе од 20 деца. Во Манастирец во осмолетка одевме 32 деца од ова село. Сега едвај по едно има - вели Велче.
Се враќаме повторно во куќата на Цветаноски каде децата едно по едно ги пречекува седумдесет годишната баба Спасена. По патот, Ирена го грабна во раце Мартин, а  тој кикотејќи се ја прифаќа играта.
- Бабо крени ме паднав, ми вели некни најмалото Марко. Кој кого да крева, јас нив или тие мене. Едвај ги гледам, срце ме боли за нив. Пензија немам, цел живот сум била домаќинка, па немам денар да им дадам. Им готвам тоа што има да се зготви, дури можам. Не јадат богзнае што, ама растат на чист воздух, во селово барем тоа го има - вели баба Спасена.
Малата Благица, која и го слушаше муабетот со баба и само ни кажа „грав сакам најмногу, тоа баба најубаво го прави“.
Децата не испратија со насмевки, мафтајќи со калливите рачиња, а Велче со надеж дека неговата приказна ќе допре до добрите луѓе кои ќе му помогнат, оваа зима барем да им обезбеди храна и топла топла облека на децата. 


Корка леб ја делат на сите

И покрај тоа што се гладни, децата на Велче, делат с` што имаат. Сендвичите кои им ги подадовме, единствена храна која ја носевме со нас, веднаш го скршија на подеднакви парчиња и слатко ги изедоа.


 Лекар во селото доаѓа два пати месечно

Велче му е благодарен на Бога што децата му се релативно здрави, па нема потреба често да интервенира лекар. Но, кога ќе се разболат, како и сите деца лекар мора да бара дури до Македонски Брод. Во селото доаѓа лекар што патролира на секои две недели.
- Секој втор четврток доаѓа лекар во селово, да им препише лекови да постариве да им земе крв. Но, ако нешто итно треба се вика Брза помош која треба да дојде од градот. Кога ќе се разболат децава ги лекувам дома, ама тешко е ако треба да ги носиме на лекар, посебно во зима - вели тој.

 

 Милена Атанасоска Манасиева - Дневник